Македонија

Средношколци измислија филтер за прочистување на воздух кој се става на оџак, од фондот за иновации не им ја препознале иновацијата

Тројца ученици од гимназијата „Јосип Броз Тито“ измислија филтер, кој се става на оџак на куќа и притоа не дозволува штетните ПМ-10 честички да завршат во воздухот. Теофилија Стоилковска, Марко Дураков и Мартин Стеванов сметаат дека нивниот изум, чии делови ги набавиле од странство со сопствени средства, ако биде ставен на скопските оџаци, тогаш загадувањето на воздухот во Скопје ќе биде намалено за третина.

 Тројцата средношколци тргнале од фактот дека на фабричките оџаци се ставаат филтри, па зошто да не се стави и на оџаците на домовите за да не ги пушта во воздухот штетните честички. Филтерот работи на тој принцип што најпрво адаптер се поврзува на градска мрежа, објави fakulteti.mk.

Адаптерот го снижува напонот за да го приспособи на вториот трансформатор, кој го претвора во високо напонски за да може од него, кога ќе се поврзе на цевките, да се формира електростатско поле меѓу нив. И, всушност, кога чадот поминува низ цевката тука се лепат честичките во зависност од полначот што го имаат. Филтерот се инсталира над оџакот, а штетните честички се лепат на ѕидовите на цевките.

При изработката на филтерот многу им помогнал професорот по физика, Цветко Неделковски кој смета дека на изумот му е потребно доусовршување. Смета дека треба да се додаде систем кој би ги тресел честичките во посебен сад, слично како што се прави со пепелта.

– Ние имаме идеја да направиме пилот-проект на десетина куќи, па да го видиме ефектот – вели Неделковски.

Со оваа иновација која ги чини скромни 100 евра, се претставиле на Предизвик за млади истражувачи, организиран од Фондот за иновации и технолошки развој, но велат дека не им ја препознале иновацијата, па сега се надеваат дека некој претприемач или Град Скопје ќе ја забележи.

Имаат слична идеја за ставање филтер и на автомобилите, но ќе ја реализираат во следниот период.

Извор и Фото: fakulteti.mk

 

На почеток