Македонија

Сугарески од Охрид: Рушењето на дивоградби во Охрид се врши според план, за Струга најпрво треба изготвување регистар

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска изјави дека се работи според препораките на УНЕСКО за уривање на дивоградбите, оценувајќи дека е манипулација тврдењето дека до февруари треба да бидат урнати сите дивоградби.

– Препораките на УНЕСКО треба да се спроведат, но не треба да се прави фама дека се што побарале од УНЕСКО оти сите дивоградби треба да бидат урнати до февруари. Тоа е класична манипулација, но факт е дека со јасна динамика и зацртан план Општина Охрид веќе постапува во делот на дивоградбите, изјави Сугарески, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Охрид, каде учествуваше на 18. Симпозиум на Друштвото на градежни конструктори.

Според него, градежните инспектори ќе го кажат крајниот збор за дивоградбите во Струга, каде не е почнато уривање.

-Што се однесува на Струга, таму не е отпочнато уривање на дивоградби. Има одредени тврдења дека таму нема дивоградби, меѓутоа има градежни инспектори и на локално и на државно ниво кои тоа треба да го утврдат, истакна министерот за транспорт и врски.

На почеток