саб. Окт 19th, 2019

Скопје1.мк

види, слушни, прочитај

Заеднички состанок на трите регионални работни групи на Будимпештанскиот процес поддржано од ИЦМПД

На 9 и 10 октомври во Скопје, во рамки на годинешното претседавање на Северна Македонија со Меѓународниот центар за развој на миграциски политики – ИЦМПД, кој претставува секретаријат на Будимпештанскиот процес (БП), се одржува првиот заеднички состанок на три работни групи во рамки на БП, и тоа за Југоисточна Европа (со која претседава Северна Македонија во моментов), за земјите покрај Црно Море и за земјите долж Патот на свилата. Состанокот е од исклучително значење за координација и усвојување на заеднички ставови на сите застапени земји, а истовремено претставува и можност секоја земја да ги искаже проблемите со кои се соочува при управувањето со мигрантските текови.

За потсетување, во февруари годинава се одржа Шестата министерска конференција во рамки на Будимпештанскиот процес, како еден од неколкуте миграциски дијалози, на која учествуваше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на која беше усвоена министерската декларација „Заложбите од Истанбул“, со која се пропишаа важни насоки за идните миграциски политики на сите 52 земји членки на процесот.

„Мојата држава го презеде претседавањето со Управната група на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика за оваа година, во обид фокусот на активности на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика уште повеќе да биде насочен кон земјите од Западен Балкан во време на силно зајакнати напори на целиот овој регион за интеграција во евро-атлантските структури“, истакна во своето обраќање заменик министерот за внатрешни работи, проф. д-р Агим Нухиу.

Според д-р Нухиу, миграцијата како феномен отсекогаш била присутна и актуелна на глобално ниво, а Балканот не е имун на оваа појава, најмногу поради својата географска поставеност и улогата на крстопат помеѓу истокот и западот, додавајќи дека Будимпештанскиот процес го содржи и вистинскиот пристап – воведување политика за управување со миграцијата, а не нејзино спречување.

Државниот секретар на МВР, а воедно и претседавач со Управната група на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика и Претседател на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, м-р Магдалена Несторовска нагласи дека во последните десет години,  Будимпештанскиот процес бележи тематски и географски раст и успева да постигне рамнотежа помеѓу политичкиот дијалог и оперативното дејствување, со конкретни проекти што дополнително го етаблираат дијалогот и создаваат опипливи исходи од утврдените политички цели.

„Будимпештанскиот процес, во чии што рамки се состануваме денеска, е можеби и најдобар пример за соработка помеѓу земји од две култури, два континента:  Европа и Азија. Како платформа за соработка, Будимпештанскиот процес се покажа како навистина успешен, собирајќи на едно место над 50 земји и десетина меѓународни организации обединувајќи ги во единствена цел – поттикнување на дијалог и споделување на најдобри практики во управување со миграциските текови“, подвлече м-р Несторовска во своето обраќање на првиот заеднички состанок на трите работни групи во рамки на Будимпештанскиот процес, во рамки на годинешното претседавање на Северна Македонија со Меѓународниот центар за развој на миграциски политики – ИЦМПД.

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Close