Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски испорача два предлога до Владата во однос на уставните измени – тие да се ограничат со рок до кога да важат, во случај да дојде до распаѓање на Европската Унија и второ, во преамбулата барем на две места да не се додаде придавката Северна.
Димовски својот предлог го нарече забеган, фанатичен и романтичен, но потенцира дека е важно да се напомене дека промената на уставното име се прави заради членство во ЕУ и НАТО и дека според него ниту Владата не е среќна што предлага вакви амандмани, па оттука смета дека е добро да се прецизира до кога би важеле уставните измени.
На ова премиерот Зоран Заев одговори дека целиот процес се прави за подобра и постабилна иднина на државата и на сите граѓани, не само поради членството во ЕУ и НАТО.