Речиси секој втор Македонец, односно 50,4 проценти, смета дека медиумите во Македонија се зависни, а само 15 отсто велат дека медиумите во земјава се независни, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење „Перцепции на граѓаните за медиумите и надворешната политика“, спроведено од „Ипсос Македонија“, нарачано од Медиумската програма во Југоисточна Европа на Фондацијата „Конрад Аденауер“.
На прашањето колкава доверба имате во новинарите, во зависност од возрасната категорија на испитаниците, процентот варира од 38-40 отсто анкетирани кои одговориле дека имаат мала доверба или воопшто немаат доверба во новинарите. Само 14 проценти од испитаниците имаат голема доверба во работата на новинарите.
Македонците најчесто се информираат од телевизијата – 71 отсто, на второ место се социјалните мрежи 46,9 проценти, од веб страниците на јавните институции 12,4, од радиото 12, додека од печатените медиуми само 8,7 проценти.
Половина од анкетираните, 51,2 отсто, одговориле дека најмногу и веруваат на телевизијата како медиум, без одговор биле 28,1 отсто, на социјалните мрежи им веруваат 17,7 отсто, на веб страниците на јавните институции седум отсто, на содржините на радиото им веруваат 5,9 отсто, додека на печатените медиуми 4,6 проценти.
Иако телевизијата ужива голема доверба, 39 отсто од населението смета дека лажните вести и дезинформациите се дистрибуираат преку телевизијата, додека ова мислење е уште повисоко за социјалните мрежи – 44 отсто.
– Ова се тажни резултати за новинарството во Македонија. Истражувањето покажа дека има голем простор за подобрување во однос на независните медиуми, кои се централни точки во демократијата, меѓудругото и преку обуки и дообуки на новинарите – рече раководителот на Медиумската програма во Југоисточна Европа Хендрик Зитих.
