Свет

Светските лидери му се изнасмеаја на Трамп во ОН

Претседателот на САД Доналд Трамп во говорот на  73-та седница на Генералното собрание на Обединетите нации ја нападна ОН за начинот на работа, а светските лидери му се изнасмеаја кога почна да се фали за економската и воената моќ на неговата земја.

„За помалку од две години мојата администрација постигна повеќе од речиси која било друга администрација во историјата на нашата земја“, рече Трамп и додаде дека САД така „станаа посилни, побогати и побезбедни“.

На што со смеење реагираа присутните светски лидери, американскиот претседател со насмевка им одговори: „Не ја очекував оваа реакција, но и тоа е во ред“.

Главниот фокус на претседателот во говорот беше цврстиот став спрема Иран, силна одбрана на американскиот суверенитет преку напад врз глобализмот. Американскиот суверенитет беше главна тема во говорот на Трамп и го правдаше повлекувањето на САД од мултилатералните договори и организации, за кои рече дека претставуваат закана за правото на САД да раководат.

„Америка е управувана од Американци. Ние ја отфрламе идеологијата на глобализмот и ја прифаќаме доктрината на патриотизам. Ширум светот, одговорни нации мора да го бранат суверенитетот не само од глобалните влади, туку од нови форми на доминација“, рече Трамп.

Тој истакна дека подетално ќе се разгледува доделувањето на помош во странство и рече дека САД ќе им даваат само помош на земјите кои што ги почитуваат САД и „се наши пријатели“.

Повеќе од 130 светски лидери се собраа на 73-та седница на Генералното собрание на Обединетите нации, настан кој трае од 25 септември до 1 октомври со претставници од речиси 193 земји членки на ОН.

сдк.мк

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток