Македонија

Груевски се уште не се појави во „Шутка“

Поранешниот премиер Никола Груевски ниту утринава не се појавил во истражниот затвор „Скопје“, каде што треба да одлежи двегодишна казна, дознава „Фокус“ од извори во затворот.

Тој во текот на вчерашниот ден не го примил решението на Кривичниот совет со кое се известува дека неговото барање за одложување на издржувањето на казната не се прифаќа, бидејќи во неколку наврати судскиот доставувач не успеал да го пронајде.

Штом Груевски го прими лично решението тоа веднаш станува извршно, односно мора доброволно да се упати во затворот, бидејќи во спротивно ќе биде спроведен со полиција. Сепак постои можност екс премиерот во текот на денешниот или утрешниот ден самиот да се упати кон „Шутка“, без да го прими решението. Доколку тоа не го стори, решението во понеделник ќе му биде предадено во Кривичниот суд, се разбира, доколку се појави на судењето за случајот „Титаник“.

Груевски на двегодишна затворска казна беше осуден како обвинет во случајот на СЈО „Тенк“, односно за набавката на луксузниот мерцедес од 580.000 евра.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток