Нема да дозволам нарушување на дигнитетот на институциите на системот, без разлика дали некој поединец го нарушил угледот на одредена институција и од тука да се извлекуваат еднакви заклучоци за целта, капацитетите и сите обвинители, истакна премиерот, Зоран Заев, во одговор на пратеничко прашање во Собранието.
„Специјалното јавно обвинителство е орган создаден со консензуално гласање на Парламентот. СЈО ако институција е целосна служба и капацитет на оваа држава. Сето тоа што е јавно објавено како податоци за работењето на СЈО, е објавено од оваа Влада, транспарентно, до крај, и тоа е убавината и вредностите што оваа нова власт ги донесе“, рече премиерот Заев додавајќи дека постојат органи кои ќе потврдат дали некој работи законски, а кој незаконски.
Тој повтори дека не може да поминат обвинувањата и тезите дека не постоеле случаите за злоупотреба на парламентарните избори што ги отвори и што ги води СЈО, дополнително набројувајќи дека се очигледни индициите на незаконско рушење на „Космос“, за недоследностите при градењето на делницата од кинеските градители, за закани од позиција на моќ, за злоупотреба на службени овластувања.
„Таму каде што нема докази, секој е слободен граѓанин. Но, поради тоа што оваа Влада одлучила да ги објави сите податоци на финансиски трансакции од 2010 година до сега да извлекувате заклучоци и да го деградирате СЈО, како систем основан од сите во државата, заради тоа што не функционирало државното обвинителство, тоа не смееме да го дозволиме“, порача премиерот Заев, нагласувајќи дека поединечна одговорност треба да постои и дека низ судска постапка, таму каде што ќе се утврдат незаконски постапувања, треба да се одговара.
Тој подвлече дека Парламентот има поголема надлежност во однос на правосудните реформи, ги носи Законите во областа на правосудството, а судиите и обвинителите се тие коишто носат одлуки во судски постапки.
„Треба да биде јасно и гласно, овој период нема ни три отсто нови судии од вкупниот број на судии. Нема ни три отсто нови обвинители од вкупниот број на обвинители во државата. Неколку поединци ја рушат правната држава и правосудниот систем. Во моментот Антикорупциска комисија проверува имот, пари, на семејства и на сите министри во Владата и на премиерот, и тоа е добро. Но, треба да ги провери и имотите на сите судии и обвинители, на адвокатите поврзани со нив“, оцени премиерот, подвлекувајќи дека политичарите се должни да ги обезбедат условите за обезбедување на вистинските реформи на правосудството.