Актуелно

Пендаровски: Високата корупција е една од најголемите безбедносни закани за иднината на земјата

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска се обрати на Регионалниот форум за добро владеење и борба против корупцијата, кој е заеднички организиран од регионалната програма за антикорупција, финансиран од ЕУ и воден од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и проектот „Јакнење на платформата за граѓански организации за борба против корупција“ поддржан од Проектот на УСАИД за Граѓанско учество, спроведуван од Транспаренси Интернешнл Македонија (ТИ-М).

На Форумот кој се одржува на тема:„Исполнување на ветувањето за проширување на ЕУ: 30 години добро управување и антикорупциски реформи во Централна и Источна Европа“, претседателот Пендаровски повика на соработка помеѓу институциите, невладиниот сектор, приватниот сектор, затоа што тоа е еден од успешните начини во справувањето со корупцијата, а транспарентноста и отчетноста се темели на доброто управување и владеење на правото.

„Со години зборуваме за спроведени реформи во правосудството, за натамошно градење на ефикасен и правичен систем, како гарант за почитување на човековите права и слободи. Меѓутоа, довербата на граѓаните во судскиот систем е во постојана надолна линија. Речиси нема човек во нашата држава што не минал низ судските лавиринти и што не поседува лошо искуство барајќи ја правдата. А, кога граѓанинот ќе ја загуби вербата во правдата, тогаш ја загубил најсилната врска со државата.  Говориме за неселективно и независно судство, коешто професионално, правично и непристрасно ќе ги спроведува законите. Од друга страна, речиси секојдневно имаме судски случаи кои предизвикуваат сомнежи, дали во нашата држава правото важи еднакво за сите или можеби правото е сведено на политички инструмент, а правдата сè уште се повлекува пред моќта на моќните.  Долги години се бавам со прашањата од областа на безбедноста и слободно можам да кажам дека во изминатите 10-15 години во нашата држава високата корупција прерасна во една од најголемите безбедносни закани за иднината на земјата. Тука морам да го издвојам т.н. случај „Рекет“ кој дискредитираше голем дел од нашите напори и надежи за справување со криминалот и високата корупција. Лично, не очекував дека носители на толку важни и одговорни функции толку ќе потфрлат во даден момент. Овој случај останува да биде лакмус за правната држава, а со тоа и тест за отпорноста од политички влијанија на клучните институции“, истакна Пендаровски во дел од своето обраќање.

„За ефикасна борба против високата корупција нам ни е потребен и нов Закон за јавно обвинителство кој ќе ги задоволува највисоките европски стандарди, наместо преку непринципиелни политички договарања зад сцена да ја компромитираме борбата со високата корупција.  Убеден сум дека ефективната координација и соработка меѓу институциите ќе придонесе кон намалувањето на корупцијата, а тоа значи и консолидирање на демократијата. Свесноста за постоењето и пропорциите на одреден проблем е првиот чекор кон изнаоѓањето на решение. Колку повеќе и погласно се зборува за него, толку станува поголем ризикот за оние што го одржуваат во живот. Тука, улогата на слободните и професионални медиуми има огромно значење. При тоа, современите политички модели на однесување забрануваат мешање во работата на судовите и обвинителите, но, неспорно подразбираат и слободно искажување на мислење во врска со сите одлуки и постапувања на тие органи во сите фази од нивните процедури“, додаде Пендаровски.

 

На почеток