Дали Никола Груевски доброволно ја напуштил Македонија или бил киднапиран. Очекувам и Груевски и Унгарија да дадат одговори на овие прашања. Редно е како држава јавно да ги поставиме овие прашања, изјави премиерот Зоран Заев на прес-конференција во Владата.
„Јасно е дека избегал со дипломатско возило од Унгарија. Сите докази ќе бидат споделени со јавноста, ќе ги предадеме со Унгарија, но и на Европската Унија”, рече Заев.
Сомнежите дека е киднапиран, Заев ги образложи со тоа што Груевски побегнал со дипломатско возило на странска амбасада.
„Секоја амбасада е екстериторијална, таму нашиот систем и полиција не може да делува. Од тој аспект прашувам дали доброволно заминал или бил киднаиран. Одговорот на прашањето ќе разјасни многу работи“, вели Заев.
Во врска со бегството на Груевски и информациите кои што се појавија во јавноста, тој потврди дека е точно дека тој преку Албанија и Црна Гора избегал во Будимпешта каде што побарал азил. Но, Заев е дециден дека Груевски ,,лаже дека имал закани за животот и немало индиции дека ќе бега”. Според Заев, со бегството експремиерот Никола Груевски ја потврдил вината и рече дека очекува Унгарија позитивно да одговори на македонското барање и да го екстрадира во земјава.
Во врска со случајот тој вели дека постои добра соработка со албанските и црногорските власти, со кои се разменуваат информации.