Македонија

Влада: Законски се поништени незаконските решенија на министерот Чулев

Владата на Република Северна Македонија категорично ја демантира изјавата на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев дека одлуката за поништување на решенијата и наредбите за распоредување на министерот се незаконски. 

Согласно Законот за Влада и согласно договорите од Пржино од 2016 година, техничкиот министер за внатрешни работи во мандатот на предната влада има право да изврши само 15 промени во раководните структури на МВР, и тоа само по хоризонтална линија.

До моментот на одржувањето на 9-тата седница, техничкиот министер имаше направено промени на 14 раководни места по хоризонтална линија, и дури 131 распоредување по вертикална линија што е спротивно на Законот за влада и договорите од Пржино.

На 9-тата седница, на која Владата донесе одлука да бидат поништени решенијата и наредбите со кои се налагаат кадровски промени по вертикална линија во структурата на МВР, на техничкиот министер за внатрешни работи Чулев детално му беа објаснети и протолкувани одредбите според кои тој не смеел да ги издаде тие решенија и наредби, и внимателно му се објаснети одредбите според кои Владата е овластена да ги поништи.

За ова на увид на јавноста може да послужи стенограмот од 9-тата седница на Владата.

Владата на Република Северна Македонија никогаш нема да си дозволи да „уништи“ или да „прикрие“ докази како што порачува Чулев, и ги повикува сите надлежни институции и јавноста да извршат увид во стенограмите и одлуките од 9-тата седница на Владата.

фото: Архива

На почеток