Адвокатот на Никола Груевски за дел од предметите во кој тој е обвинет, Еленко Миланов во вечерашното гостување на телевизија Телма рече дека тој немал сознанија дека неговиот клиент планира да ја напушти Македонија и рече дека Груевски му се јавил откако пристигнал во Унгарија.
-Ниту сум имал сознанија, ниту ништо. Десетина дена пред да замине е последниот мој контакт со Груевски и немаше никакви такви најави. После објавувањето на статусот на Фејсбук, тој ми се јави како негов бранител да ми каже дека заминал во Унгарија да бара азил. Немаше сознанија од претходно за такво нешто. Греувски само ми кажа дека од тој број ќе ме бара доколку има потреба и дека јас можам да го барам на тој број. За тој контакт е известен и Судот, рече Миланов.