Македонец преживеал пад со неговиот џип во реката По, во Италија, јавуваат тамошните медиуми, пишува Нетпрес.
Според медиумите, сообраќајната несреќа се случила во неделата ноќта во близина на паркот Изола Џиарола во регионот Пјаченца. Нашинецот, кој е на возраст од 36 години со својот автомобил паднал во најголемата река во Италија.
Македонецот бил на вечера во некој од рестораните со своите пријатели и роднини, па возејќи кон дома по насипот изгубил контрола и паднал во реката од висина од десетина метри. Возачот останал присебен и успеал да излезе од возилото преку отвор на покривот пред џипот да потоне целосно.
Нашинецот некако испливал на површината, а во помош му дошол роднина, кој возел друг автомобил и влегол во реката по што го извлекол на брегот. Веднаш била алармирана полицијата, па на местото стигнале пожарникари и нуркачи, кои ја пребарале реката бидејќи во почетокот се сомневале дека има и други луѓе во возилото. Џипот бил извлечен во текот на утрото.