Свет

СЗО: Eвропа бележи остар пораст на бројот на заразени со КОВИД 19, откако се ублажија ограничувањата

Eвропа бележи остар пораст на бројот на заразени со коронавирус откако земјите почнаа да ги ублажуваат ограничувањата воведени за да го спречат ширењето на потенцијално смртоносниот вирус, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).

Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуж, изјави дека бројот на заразени лица на европскиот континент се зголемува неделно за првпат во последните неколку месеци.

„Зголемен е бројот на нови случаи во 30 земји. Забрзаното ширење на вирусот во 11 држави доведе до значителен нов бран кој, доколку не се обрне внимание, повторно ќе ги доведе до раб здравствените системи во Европа – предупреди Клуж, кој не ги спомна имињата на државите или конкретните бројки.

АФП потсетува дека Германија, која почнала со олеснување на мерките пред седум недели, се соочува со нов бран епидемии, по што германските власти мораа да ги вратат вонредните мерки за повеќе од 600.000 лица во два окрузи на северот на земјата, откако во една фабрика за преработка на месо се инфицирале повеќе од 1.500 работници.

Португалија вчера воведе нови ограничувања за Лисабон и околината.

Генералниот директор на СЗО за Европа ги пофали Полска, Германија, Шпанија и Израел за нивниот брз одговор на ширењето на инфекцијата во училиштата, рудниците за јаглен и фабриките за храна во последните неколку недели.

фото: Архива
На почеток