Македонија

Одржан спортски настан во чест на јубилејот – 1000 години Бигорски манастир

Денес, на наша голема радост и во пресрет на празникот „Раѓање на свети Јован Крстител – Иванден“, група спортисти, кои многу години наназад практикуваат различни спортски дисциплини во прекрасниот Мавровски регион, ги посветија своите спортски подвизи на големиот Јубилеј – 1000 години од основањето на Бигорскиот манастир, објави канал 5.

Учество зедоа спортско-качувачките клубови од нашата земја (СКК Екстрем – Скопје, СКК Карпош – Скопје, СКК Вертикал – Битола, СКК Астибо – Штип, СКК Карпи за секој – Демиркапија), членови на Спортско Качувачката Федерација, под раководство на претседателот г. Владимир Трповски, а нивни предизвик беше да ги качуваат атрактивните и светски познати насоки во Мавровската пештера.

Во четвртокот, пак, во попладневните часови, од граничниот премин Стрезимир, тројцата искусни планинари и алпинисти: Марио Шаревски, Маја Бошкоска и Војкан Недковски, за првпат во историјата на македонското планинарење поминаа трансверзала по планинскиот венец Кораб-Дешат-Крчин по следниов правец на движење:

Шерупа – Зиберова кула – Голема Корабска Врата (камп)- под Бел Врв и Црна Чука – Кепи Бард – Кобилино Поле (камп 2)- Голем Кораб – Мал Кораб – Боази – Изгревно Езеро – под Дерза, Црн Камен, Шупла Стена – Шкртец (камп 3) – Плоча – Високо брдо – Иноска – Веливар – Св. Недела – Крчин. Притоа, тие поминаа растојание од 70 км, со искачена надморска висина од 4377м., во времетраење 31:48 ч., од кои во активно одење 22:21 ч.

Бог да ги благослови сите оние кои зедоа учество и дадоа придонес за реализирањето на овој навистина прекрасен настан, кој успеа да се одржи и во услови на зголемени мерки за заштита и превенција од коронавирусот, притоа не отстапувајќи од наведените владини препораки.

извор и фото: Канал 5

На почеток