Лазе Таневски е роден во Охрид, на 31. март 1973 година. Основно училиште завршил во ОУ „Братство Единство“, а со средно образование се стекнал во ОЕМУЦ „Свети НаумОхридски“ во Охрид. Дипломирал на Факултетот за туризам и менаџмент во Скопје.
Своето прво работно искуство го стекнува во 1993 година во Јавното претпријатие за аеродромски услуги „Македонија“–„Авио Шпед“ во Охрид. Неколку години подоцна работи во Приватна шпедиција „Шпедико“ во Струга, по што се вработува во Јавното претпријатие „Македонија аеродром“ во Охрид, каде работи околу 10 години. Во 2008 година ја основа фирмата ДООЕЛ „Теди комерц“ Охрид која стопанисува со хотел „Десарет“, хотел „Ривиера“ и автокамп „Љубаништа“. Од 2017 година е сопственик на хотел „Лаки & Спа“ во Охрид.
Од мај 2009 година Таневски е потпретседател на Здружение на хотелиери ХОТАМ, а во 2017 година е избран за претседател на Општинската организација на СДСМ во Охрид.
Таневски е среќно оженет и татко на две деца. Охриѓани го препознаваат како вреден, чесен и амбициозен човек. Овие предвремни парламентарни избори закажани за 15 јули Таневски е на кандидатската листа за пратеник во во ИЕ5.
Скопје 1: Господине Таневски, пред крај сме на кампањата која се одвива во време на пандемијата на Ковид – 19. Колку сте задоволен од она што ви се случуваше изминативе денови?
Лазе Таневски: Поздрав до моите поддржувачи и поддржувачи на СДСМ и Коалицијата МОЖЕМЕ Генерално гледано јас сум задоволен од она што ние како партија и коалиција го зацртавме и го спроведуваме овие денови и поскаувам така да биде до крајот на кампањата и деновите на гласање , се’ до победата на 15 јули вечерта. Ние сме на власт и сигурен сум дека ќе останеме бидејќи сме државотворна партија, отворена за соработка со сите во земјава и надвор од неа. Оваа изборна кампања е многу специфична и поради Ковид – 19 и затоа пред се’ нашите програми и идеи јас и колешката Жаклина Лазаервска како и сите останати кандидати на коалицијата МОЖЕМЕ ги правиме преку модерните социјални алатки и контакти со потенцијалните гласачи и членството строго почитувајќи ги здравствените протоколи и мерки, а пример за тоа беше и Граѓанската трибина одржана во Охрид. Би кажал дека ние сме фокусирани на презентација на сопствената програма и на досега сработеното. Се залагаме да имаме позитивна кампања, иако има обиди од нашите политички противници да не дискредитираат, да хакираат или да отворат слични профили на нашите на социјалните мрежи и да пласираат ставови во наше име кои ние ниту на сон не би ги кажале или да шират лажни вести како онаа дека не сум повеќе шеф на Општинскиот изборен штаб. Ја разбираме нивната нервоза , но зад нас се резултатите и реалните политики кои ги презентираме и ветуваме. Се надевам дека ВМРО ДПМНЕ и останатите против кандидати во ИЕ 5 ќе се издигнат над себеси и ќе имаме фер и достоинствена завршница и кампања.
Скопје 1: Доаѓате од туристичката бранша како сопственик на хотел. Годинава туризмот можеби ги има најтешките денови откако Охрид знае за туризам. Што предвидува програмата МОЖЕМЕ во овој дел?
Лазе Таневски: Токму во годината која за туризмот почна мошне добро и почнавме да ги собираме плодовите од макотрпната презентација на Охрид и земјава пред странските тур оператори и со нетрпение очекувавме туристички бум, се случи пандемијата со Ковид -19. Но, веднаш одговоривме со директни мерки за поддршка на секое работно место и нарушен бизнис. Со првиот сет на мерки ги опфативме најпогодените сектори од кризата со коронавирусот: угостителство, туризам и транспорт.
Со мерката финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен, од вториот сет на економски мерки, само за месец април, доделивме директна помош и поддршка на 19.350 компании со 127.426 вработени и 5187 самостојни вршители на дејност, да ги ублажат последиците од економската криза. Мерките ги креиравме за да дадат финансиска поддршка на работодавачите за исплата на плати на работниците и да овозможат континуитет на работните процеси. Ударот врз економијата е огромен, но ќе успееме да ги заштитиме работниците. Конкретно, овозможивме: 14.500 денари месечно по вработен за април, мај и јуни за компании погодени од кризата и/или 50% од трошоците за придонеси за секој вработен; Бескаматни кредити во вредност од 13,5 милиони евра од Развојна Банка на Република Северна Македонија; 50 милиони евра евтини кредити од Развојната Банка, пласирани преку комерцијалните банки. Државата како помош за туризмот и угостителството ќе почне со кофинансирање на настани и конференции со 50% финансиска поддршка од државата најмногу до 30.000 денари;
Но и на ови мерки ВМРО ДПМНЕ им најде мана. Пред да ги донесеме постојано повторуваа зошто не и им се помага на туризмот и угостителството? Потоа тоа го нарекоа поткуп. Е навистина не знаат кај тераат.
Не само кај нас , туку и во целиот свет короната најпрво удри токму по туризмот. Се затворија границите, па хотелите, рестораните и кафетериите. Цели три месеци сите бевме под клуч, со надеж дека за скоро ќе почнеме да се опоравуваме од шокот кој долго ќе не следи. Велам бевме, бидејќи и јас сум од таа бранша и долго можам да зборувам за ова. Владата со сет мерки уште по првиот бран почна да наоѓа пат за решавање на нашите проблеми. Кога помислата беше јасна дека странските туристи во овие услови ќе не заобиколуваат а за туризмот да не падне тотално на колена, излезот е во домашните гости. Беа подготвени протоколи за работа во хотелско – угостителскиот еснаф а објектите на отворено полека се враќаат во живот, потсетуваме на една од мерките: „Дома си е дома“ – ваучери за поттикнување на домашниот туризам.
Издавањето на ваучери за домашен туризам е мерка која беше најавена во третиот пакет економски мерки на Владата предводена од СДСМ за нова развојна македонска економија, а главната цел на оваа мерка е поттикнување на домашната потрошувачка и поддршка на домашниот туристичко-угостителски сектор.
Граѓаните ваучерите од 6.000 денари за домашен туризам и платежни картички од 3.000 денари ќе можат да ги користат од 15 јули 2020 до 15 декември 2020
Мерката предвидува сите вработени граѓани што примаат плата помала од 15.000 нето месечно да добијат ваучер од 6.000 денари кој ќе можат да го искористат во домашните туристички објекти, но и платежна картичка од 3.000 денари која ќе може да ја користат за купување домашни производи или во сите угостителски објекти во државата.
Ваучер ќе им биде доделен на сите вработени граѓани кои немаат месечни приходи поголеми од 15.000 денари и немаат други приходи, според податоците од Управата за јавни приходи.
Постапката за добивање на ваучер предвидува откако УЈП ќе ги достави податоците за граѓаните кои ги исполнуваат условите за оваа мерка потоа на истите преку електронска пошта ќе им биде доставен ваучер во вредност од 6.000 денари и упатство за користење на истиот.
На истите граѓани кои ќе добијат ваучер во вредност од 6.000 денари им следува и електронска платежна картичка во вредност од 3.000 денари која ќе можат да ја користат во сите угостителски објекти.
Со оваа мерка е предвидено да бидат опфатени околу 115.000 граѓани, со буџет од 16 милиони евра кој е ставен на располагање за поддршка на домашниот туризам.
И не е тоа се. За сите во туризмот е и Платформата „Дома си е дома“ за поттикнување на домашниот туризам На неа сите категоризирани туристичко-угостителски објекти низ државата ќе ги презентираат своите капацитети за сместување. Граѓаните кои ќе добијат ваучери ќе може да изберат во која од понудите домашни капацитет ќе го поминат својот годишен одмор.
Категоризирани угостителски објекти се сите објекти за сместување кои имаат Решение за категоризација вклучувајќи ги и издавачите на соби за сместување и други приватни сместувачки капацитети во нашата држава.
Време е да го зајакнеме домашниот туризам со што оваа година ќе направиме се’ нашите сограѓани од целата земја да одмораат и да летуваат дома, овде во Охрид. Ова е шанса за нас во Охрид хотелите, рестораните и апартманите да не ни останат празни. Макотрпно сме вложувале во развојот на туризмот и покачувањето на стандардите во понудата. Време е да се свртиме еден кон друг да си помогнеме и економски да опстанеме.
Скопје 1: Ова се мерките за турзмот, во услови на криза. Што предвидувате реално за наредниве четири години во оваа дејност?
Лазе Таневски: Можам да кажам дека ние хотелиерите обединети во ХОТАМ заедно со општината и државата работиме на стратегија за развој на туризмот за наредните не 4 туку 8 години. Најавувам само дел од нештата кои се во програмата на коалицијата МОЖЕМЕ:
Со Проектот „Ѕвезда плус“ – Ќе овозможиме државни субвенции во висина од 50% од инвестицијата за секој регистриран угостителски капацитет што има намера да добие еден степен повисока категоризација на неговиот објект, во сите клучни туристички места.
Ќе овозможиме почеток на имплементација на системот за враќање на данок на додадена вредност за странските туристи во државата, со што ќе придонесеме за зголемување на прометот и продажбата во државата.
Планираме изедначување на работното време на угостителските објекти до 1 часот по полноќ за сите 365 дена во годината, но со стриктно почитување и засилена контрола за почитување на правилата за бучава.
Збогатување на туристичката понуда на државата и отворање нови работни места преку издавање дозволи за глам-кампови, ресорти, адреналински зони по езера, планини и олдтајмер рент-а-кар лиценци по градовите.
Воведување на иновативни модели во конципирање на „здравствен“ и „пензионерски“ туризам за домашните и странските пензионери, по примерот на успешните практики на развиените туристички дестинации…
Нови авионски врски до Охрид, посета на саеми и користење на сите алтернативни можности за реклама на Охрид заедно со Агенцијата за поддршка и развој на туризмот.
Покрај коронавирусот оваа пролет и лето барем во Охрид а и во Македонија најчесто спoменуван е зборот УНЕСКО и статусот на Охрид во него. Може ли УНЕСКО да биде разбран како наша предност за економски развој од аспект на културата и туризмот?
Благодарение на заложбите на власта предводена од СДСМ, која вистински се грижи за приоритетните потреби и заштитата на природните богатства, Охридското Езеро конечно ја доби грижата која ја заслужува. Во декември минатата година беше означен стартот за проектот за санација и рехабилитација на Колекторскиот систем.
Ова е најзначајниот проект за заштита на нашето уникатно и скапоцено природно богатство и конечно се решеваат децениските проблеми со нефункционалноста на Колекторскиот систем и загадувањето на езерската вода, како и на целокупната животна средина во Охридско-струшкиот регион.
Покажавме вистинска грижа за она што е вистински важно. Ставаме крај на самоволието и импровизациите во Охридско-струшкиот регион.
Природното и културното наследство на Охридскиот регион останува Светско наследство, заштитено од УНЕСКО. Го штитиме нашето духовно и материјално наследство затоа што тоа е наш аманет кој треба да го предадеме и на идните генерации. –
Во изминатите три години ја запревме деградацијата во регионот и ги поставивме параметрите за заштита и развој на долг рок.Ги укинавме штетните проекти кои ќе значеа неповратно уништување на уникатните аспекти на регионот.
Скопје 1: Охрид од осумдесеттите години од минатиот век па наваму може слободно да се рече дека стихијно се развивал и често сме слушале за урбана мафија, која никако да биде сопрена, иако се правеле и прават обиди. Дали Планот за управување со охридскиот регион,генерално ќе ја смени сликата за Охрид во светот?
Лазе Таневски: За прв пат донесовме сеопфатен План за управување со природното и културно наследство кој го изработивме со значителен придонес од граѓанскиот сектор и експертиза од УНЕСКО. Во наредните четири години остануваме посветени на заштитата на културното наследството и реализација на проектите кои ќе гарантираат заштита на исклучителните универзални вредности на природата. Продолжуваме со санацијата на колекторскиот систем, како и проширување на мрежата. Реката Сатеска ќе биде пренасочена во коритото на Црн Дрим, со што драстично се намалува загадувањето на Охридското Езеро. Ќе донесеме нов закон кој ќе го рационализира процесот на координација и следење на управувањето со регионот, со што ќе овозможиме и рана детекција на потенцијални закани. Урбанизацијата во општините Дебрца, Охрид и Струга ќе биде контролирана, планска и во согласност со режимите на заштита соодветни за регион од светско значење. Нелегалните градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети.
Скопје 1: Секогаш но во 21 век најважното нешто е инфраструктурата. Ние заостануваме зад сите соседи. Што сторивте за три години и какви се проекциите за натаму?
Целосно ја препознаваме важноста на инфраструктурата. За нас е особено важен и квалитетот на инфраструктурата што ја создаваме. Власта предводена од СДСМ ги цени вистинските потреби на граѓаните. Можеме да бидеме горди на фактот дека за три години ја завршивме изградбата на 75,2 километри автопатишта, а дополнително завршивме и со рехабилитација на над 750 километри магистрални, регионални и локални патишта.
Автопатот Кичево – Охрид е започнат со лоша и нецелосна проектна документација без проектирани клучки, без сериозни геомеханички истражни работи и без решена експропријација. Затоа, во моментов работиме на репроектирање на 25% од трасата на овој автопат, а обезбедивме средства за автопатот да се реализира со многу пониски цени од првичните кои ги затекнавме од ВМРО-ДПМНЕ.
Реализиравме инвестиции на локално ниво. За три години во Охрид се реализирани значајни планови и проекти за реконструкција на улици, асфалтирање, поставување нови водоводи и канализации, како и голем број проекти за партерно уредување.
Би ги издвоил: Изградба на 260 километри автопатишта, меѓу кои и автопатот Гостивар – Кичево; Изградба на 300 километри експресни патишта. Изградба на 950 километри локални патишта. Го продолжуваме проектот „Македонија без кал” преку којшто во изминатите три години работевме на изградба на локални патишта низ целата држава со цел подобрување на условите за живот.
Рехабилитации на 1.500 километри постоечки патни правци. Во околината на нашиот туристички бисер – Охридско Езеро, започнуваме со рехабилитација на патиштата Подмоље – Струга – Ќафасан и Охрид – Св.Наум. Започнуваме проект „Безбедни патишта”. Во следниот период продолжуваме со санација на црните точки во правец од Скопје кон Охрид.
Скопје 1: За разлика од Владата на Груевски владата на Заев како што вети, во овој мандат ги изедначи олеснувањата кои ги добиваат странските и домашните инвеститори.Тоа наиде на одобрување кај македонските бизнисмени. Каква политика ќе креирате за развој на лесната индустрија во овој регион?
Лазе Таневски: Изедначувањето на домашните со странските компании веќе се случи во изминативе три години. Додека претходната влада ги форсираше странските инвеститори и финансиски ги помагаше ние ги изедначивме условите на пазарот и им дадовме реални шанси и на странските и на домашните компании за развој и пазар.
Ќе се согласите со влегувањето на нашата земја во НАТО и реалниот почеток на преговорите со ЕУ Северна Македонија станува стабилна држава во која секој ќе сака да инвестира.
Прво никогаш повеќе нема да сме сами и незаштитени. Тоа значи сигурна иднина за сите нас и за сите наши деца и гарантиран брз економски развој. Нови инвестиции, нови работни места и повисоки плати за сите. Ја модернизираме Армијата по светски стандарди. И дополнително преку влезот во НАТО системот нашите фирми добиват пристап до пазар од 4 милијарди евра годишно.
Членството во НАТО е влезна карта за ЕУ. Подготвени сме, знаеме и можеме до 2024 да отвориме 80% од поглавјата за интеграција во ЕУ. Од европските фондови обезбедуваме 2,5 милијарди евра за Северна Македонија. Тоа се повеќе пари за справување со корона кризата, за новата македонска економија, за зелена агенда, енергија, конкурентност, капитални инвестиции, земјоделство, канализации, патишта, водовод. Тоа се европски пари за европски стандарди дома.
Да потсетам,бележиме интензивен раст на поддршката за малите и средни претпријатија. Споредбено со 2016 година, во 2019 година буџетот за поддршка на малите и средни претпријатија е зголемен за четири пати, додека бројот на поддржани претпријатија се зголеми за најмалку осум пати, и тоа од 51 претпријатија во 2016 година, на над 400 претпријатија во 2019 година. Рапиден инвестициски скок напред, со домашни и странски директни инвестиции Особено го истакнуваме фактот дека во последните две години, економијата доживува огромен инвестициски циклус. Конкретно, преку сетот на владини политики и мерки, доделени се над 100 милиони евра директна помош во рамки на веќе реализираните приватни домашни и странски инвестиции во вредност од над 352 милиона евра. Ако на тоа се додаде и износот на директните странски инвестиции, реализирани и евидентирани во 2018 и 2019 година, во историски највисок износ од 950 милиони евра, можеме да заклучиме дека државата и економијата доживуваат извонреден инвестициски раст.
Она што е клучно, покрај највисокото ниво на инвестиции досега, е и квалитетот и влијанието на инвестициите во технолошката модернизација и иновативна трансформација на националната економија. За нас, покрај продолжување и зајакнување на инвестицискиот циклус, останува зајакнување на поврзувањето на домашниот со странскиот бизнис на сите нивоа и модели.
По изборите ќе обезбедиме директна поддршка на домашните и странски инвестиции во износ од 300 милиони евра. Директна алокација на очекувани 300 милиони евра од европските фондови за поддршка на македонските економски потреби. Профилирање на директната поддршка на македонските компании за извоз на производи и услуги во рамки на Планот за економски раст и Законот за финансиска поддршка на инвестициите во насока на авансно финансирање на технолошките и на иновативните потреби во функција на извозот во висина од 10% до 15% на проектираната инвестиција.
Деновиве во Охрид Вицепремиерката Радмила Шекеринска посети домашни и повеќе од успешни компании АСП ПАК Братство ИНОКС и Жито леб кои се компании за пример и задоволни од помошта и партнерството кое го имаат со Владата и отворените инвестициски фондови. Реално и компаниите Костал , ОДВ Електрик и Леарница и во иднина ќе бидат помагани од државата како гаранција да го развиваат својот бизнис и да вработуваат наши сограѓани. Верувам дека листата на инвеститори не е исцрпена и дека допрва следува инвестицискиот бум кој во многу зависи и од инфраструктурата.
Скопје 1: Ковид -19 на површина го донесе здравството и темите сврзани со него. Вашите политички опоненти отворија тема која е од нивно време: Можна ли е фузија на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св Еразмо“ и популарно виканиот Кардиолошки завод?
Ова прашање е актуелно уште од септември 2015 година. Од времето на владеењето на ВМРО ДПМНЕ кога министерот Тодоров учеше и им презентираше на докторите како се оперира преку мобилен.
Лазе Таневски: Нашите политички противници уште со почетокот на оваа кампања својот неуспех и избрзани тогашни одлуки и изјави се обидуваат да ни ги префрлат нам. По обичај кога е ВМРО ДПМНЕ во прашање наследуваме почнати а недовршени објекти и секако погрешни проектни планови и изградба, долгови и слично. Реконструкцијата на Коснозглобна ВМРО ДПМНЕ ја почна во 2015 и планираше со 215 милиони денари да ја заврши како што најави во април 2017 но тоа не се случи. Идејата беше Болницата по реконструкцијата да стане мини ургентен клинички центар.
ВМРО ДПМНЕ ја покрена идејата во идната реновирана и доградена Специјална болница за ортопедеија да се смести и дел од интервентната кардиологија на сегашниот Кардиолошки завод а дали ќе се случи тоа или не јас во моментов не сум компетентен и најповикан да кажам. Но ќе речам, без да ја нарушам суетата на докторите кои од нас политичарите бараат одговор на ова прашање, јас да ги прашам: Каде беа во времето на ВМРО ДПМНЕ и зошто цело ова време молчеа и јавно еве сега не го кажат својот став, туку кулоарски и затскриено дел од нив тераат нечии агенди.
Сигурен сум дека идната Влада предводена од СДСМ после 15 јули, кога ќе му дојде времето и на ова прашање ќе отвори стручна дебата на која јавно и без страв, не како во времето на Груевски, докторите ќе можат да го кажат своето ЗА или ПРОТИВ. Јас верувам во стручноста и компетентноста на нашите доктори а и на стручните лица кои ќе бидат во идниот здравствен министерски ресор и дека ќе се најде најдоброто решение. Факт е дека двете болници секоја во својот домен е успешна, но реков за нивната иднина да се фузираат или не ќе има стручна анализа.
Скопје 1: Граѓаните кои сега ве поддржуваат сакаат да знаат: Дали и како пратеник ќе бидете достапен за нив? Кога правам сопствена анализа од мигот на моето влегување во партиските води и посебно од периодот па се досега кога станав прв човек на ОО на СДСМ во Охрид лично сум задоволен од она што го постигнав во комуникација со членството.
Лазе Таневски: Можам со сигурност да кажам дека ниту сега а ниту тогаш не сум одбегнал, ниту ќе одбегнам средба или комуникација со граѓаните и разговор врз база на аргументи и реалност. Моите контакти со членството и граѓаните и досега имаа широк спектар и по хоризонтала и вертикала. Ќе се трудам да го слушам и внатрешниот глас на охриѓани и да бидам нивен репрезент и нивното Второ јас во идниот Парламент, односно законодавниот дом.
И затоа и по сето претходно кажано ги повикувам граѓаните на 15 јули да гласаат за СДСМ и коалицијата МОЖЕМЕ и да го заокружат бројот 3 .