Директорот на Македонска филхармонија, Виктор Илиески, најавува судска постапка за случајот со разрешеувањето на претседателката на Управниот одбор, Бранка Костиќ Марковиќ.
Тој ова го образложи на својот фејсбук профил каде појаснува дека има докази за наводните уцени од страна на разрешената претседателка, за нејзино вработување, па дури и за висината на платата што ја барала:
„Откако Костиќ увиде дека нема простор да се вработи во нашата институција, започна да ја попречува работата на УО Македонската филхармонија. ЗА НЕЈЗИНОТО БАРАЊЕ НА ВИСОКА ПОЗИЦИЈА ВО НУ Македонска филхармонија, СО КОНКРЕТНО БАРАЊЕ И ЗА ВИСИНАТА НА ПЛАТАТА ИМАМ ДОКАЗИ – кои ќе бидат обелоденети во надлежните судски инстанци!“, пишува Илиески.
Според Илиески од 2.10.2018 г. поради лични интереси таа го кочела целиот процес на усвојување на новата систематизација.
„Како директор на НУ Македонска филхармонија сум должен да го известам министерството за култура за работата на Управниот одбор и сите недоследности кои произлегоа од претходниот претседател на УО Костиќ Марковиќ. Македонската филхармонија е сериозна институција. Нема да дозволиме личните интереси на поединци да застанат на патот на успешноста која ја гради нашата институција седум децении. Мојата шеснаесетмесечна работа и резултати се потврда на таа посветеност. На самиот крај ќе прашам, како луѓето не учат од своите сопствени грешки, кои ги прават на идентичен начин во секоја средина каде што функционирале и каде што денес не се!“, пишува тој.
Костиќ Марковиќ во неколку наврати ги демантираше неговите обвинувања.