Вечерва се одржаа протести во Скопје, Тетово, Гостивар, Дебар и Кичево против порастот на цената на електричната енергија. Во Куманово пак се протестираше во текот на денот
Организаторите на протестот порачаа дека во услови на пандемија, кога многу граѓани остануваат без работа, европските влади ја намалиле цената на струјата додека трае кризата.
„Кај нас ја поскапеа струјата бидејќи ЕВН, МЕПСО, ЕСМ трпеле поради кризата. Зарем граѓаните не трпат? Што е поважно? Профитите на капиталистите или животниот стандард на обичните граѓани“, запрашаа организаторите.
Тие повикаа на обединетост на сите граѓани, за да се спречи поскапувањето.
Тие бараат итно поништување на последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика за зголемување на цената на електричната енергија, владата да ја распушти Регулаторната комисија за енергетика, тело, како што велат, што им служи на интересите на деловните групи и корпорации на грбот на граѓаните, формирање независно арбитрарно тело во служба на граѓаните за да се провери квалитетот на енергетските услуги.
„ЕВН со години го злоупотребуваше монополот даден од Владата, бараме и простување на сите камати од сметките на ЕВН што граѓаните досега не ги платиле бидејќи сметаме дека високите сметки генерирани од ЕВН се главната причина за нивно неплаќање навреме“, истакнаа организаторите.
Протeстот го поддржаа Сакаме чист Чаир, Социјалистичка зора, Конфeдeрацијата на синдикални организации (КСОМ), Fridays for Futurе и МО Црвeни.
фото: МИА