Спикерот Африм Гаши експресно на предлог и барање на Владата ја стави точката за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски на дневен ред на Собранието и пратениците на денешната седница ќе започнат со изнесување на аргументи за и против.
Владата уште во февруари се подготви да го разреши државниот обвинител Љупчо Коцевски.
Коцевски, според Владата, не ги задоволи критериумите за ефикасно обвинителство, направи процедурални пропусти и затоа на брза лента ја започна постапката за негово разрешување.
Одредени експерти не беа убедени во законитоста на постапката бидејќи сметаат дека не се исполнети ниту еден од условите за предвремено разрешување на Коцевски, не е член на политичка партија и не е јасен критериумот по кој се оценило дека направил тежок прекршок. На ист став беа и колегите на Коцевски од Советот на јавни обвинители, кои се изјаснија против предлогот и ставот на Владата.
Коцевски ,,ќари” уште неколку месеци и остана да го води ЈОРМ поради трагедијата во Кочани, за да нема застој и да има брза и ефикасна постапка. Коцевски, со сите сили се обиде да ја убеди јавноста дека работи посветено, професионално и без политички притисок за да има брза разрешница на случајот, па дури назначи и 15 обвинители да работат на случајот. Поапси се и инсистираше на притвор на се што има каква било поврзаност со трагедијата, па и да се работи за дејство од пред 13 години.
Коцевски ќе остане запаметен како единствен обвинител, кој на настан стои позади премиерот, во јавноста имаше информации дека неговата ќерка давала на новинари информации за работата на обвинителството, иако ова упорно го демантираше.
Се раскара со поранешниот шеф на Вишото јавно обвинителство Мустафа Хајрулахи за бонусите на СЈО. Хајрулахи не чекаше да го разрешат и побрза да си даде оставка, но Коцевски не успеа да се израдува и набрзо доби предновогодишна „честитка” oд Владата со барање за негово заминување.
Обвинителите се жалат дека имале слаба комуникација со нивниот шеф и ретки се тие кои можеле да бидат примени кај него, се жалеа и учесниците во сообраајот, бидејќи Коцевски многу сакаше сите да знаат дека тој минува, поради флешерите од неговиот службен автомобил. Заради безбедност или чалам, верно беше чуван од неговото обезбедување.
Во јавноста могу милуваше да се фали дека транспарентноста во Обвинителството започнала со него. Да, тој беше љубител на настапи но во медиуми кои тој ги бираше.
Скопје 1 и Претрес имаат преписки со Коцевски и неговиот ПР со покани и барање за интервју и емисија со него. Но, сите, можеби дваесетина покани, не се одважи и не почувствува почит еднакво кон сите медиуми и гледачи да можат да го чујат и да добијат одговори на нивните прашања.
Претрес ја остава отворена поканата за гостување на Љупчо Коцевски.