Најголемата светска криптоберза Binance ја потврди својата посветеност кон европските корисници и најави дека ќе продолжи да работи во согласност со важечките закони и регулативи низ Европската Унија, додека паралелно го продолжува процесот за добивање лиценца според новата европска рамка за крипто-средства MiCA.
Во официјална изјава, регионалниот директор на Binance за Централна и Источна Европа, Кирило Хомијаков, истакна дека компанијата активно соработува со европските регулатори и останува целосно посветена на усогласување со новите правила.
„Binance останува посветен на своите европски корисници и ќе продолжи да работи во согласност со важечките закони“, изјави Хомијаков.
Според него, компанијата во изминатите 18 месеци водела интензивен и конструктивен дијалог со регулаторните институции, вклучувајќи го и процесот на аплицирање пред Грчката комисија за пазар на капитал. Од Binance наведуваат дека регулаторната проверка е завршена и дека апликацијата е оценета како усогласена со барањата на MiCA.
Компанијата соопшти дека постапката била разгледувана и на ниво на Европскиот орган за хартии од вредност и пазари (ESMA), а според нивните информации, грчкиот регулатор има намера да продолжи со процесот на лиценцирање на една од следните седници.
MiCA претставува прва сеопфатна регулаторна рамка за крипто-средствата во Европската Унија и има за цел да обезбеди поголема правна сигурност, подобра заштита на корисниците и поголема транспарентност на пазарот.
Од Binance нагласуваат дека јасната и предвидлива регулатива е од суштинско значење за понатамошниот развој на индустријата и за конкурентноста на Европа во сферата на дигиталните средства и технолошките иновации.
„Остануваме посветени на Европа и подготвени сме да работиме во рамките на правична, предвидлива и усогласена рамка на MiCA. Јасната и доследна регулатива е од суштинско значење за корисниците, индустријата и европската конкурентност“, додаде Хомијаков.
Како една од најголемите глобални платформи за криптовалути, Binance наведува дека продолжува да инвестира во усогласеност, безбедност и регулаторна соработка. Според компанијата, во 2025 година биле спречени потенцијални измами во вредност од речиси седум милијарди долари, а на надлежните институции им биле вратени повеќе од 131 милион долари незаконски стекнати средства.
Компанијата инвестира повеќе од 200 милиони долари годишно во усогласеност и има над 1.500 вработени ангажирани на позиции поврзани со регулаторни прашања и безбедност, што претставува околу една четвртина од вкупниот персонал.
Од Binance оценуваат дека регулаторната сигурност што ја носи MiCA може да одигра клучна улога во привлекувањето инвестиции, поттикнувањето на иновациите и зацврстувањето на позицијата на Европа во глобалната дигитална економија, особено во период кога интересот за блокчејн технологијата и дигиталните средства продолжува да расте и во регионот на Западен Балкан.