Претседателката на Народното собрание на Србија Ана Брнабиќ изјави во Прага дека вклучувањето на Западен Балкан во Шенген зоната би ги зајакнало европските граници и би ја зголемило конкурентноста на регионот.
Таа ова го истакна на форумот „ГЛОБСЕК 2026“, на панелот посветен на проширувањето на Европската Унија, одговарајќи на прашање за можноста земјите од регионот да влезат во Шенген пред полноправното членство во ЕУ.
Брнабиќ оцени дека таквиот модел би бил „ситуација во која сите добиваат“, бидејќи би придонел и за земјите членки на ЕУ кои најмногу учествуваат во европските фондови.
„Ако станеме дел од Шенген просторот, тоа би ги зајакнало европските граници и би ја зголемило конкурентноста“, изјави таа, додавајќи дека земјите од регионот би станале „побогати и посамостојни“.
Таа исто така оцени дека сегашниот модел на пристапување кон ЕУ може да ја забави Унијата и да ја направи помалку конкурентна и побирократска.
„Тоа е ситуација во која сите губат“, наведе Брнабиќ, повикувајќи на модел на постепена интеграција.