На второто рочиште од судскиот процес против Трајко Бојковски, обвинет за четири убиства и два обиди за убиство на жени, денеска пред Основниот суд Куманово сведочеа две од преживеаните жртви.
Росанка Трајковска и Слободка Арсовска, двете од селото Челопек и на возраст над 80 години, со тешкотии се потсетуваа на нападите што, според нивните искази, ги преживеале.
Трајковска, родена во 1939 година, сведочеше дека обвинетиот околу еден час ја тепал и ја допирал по телото. Таа пред судот побара да биде објаснето зошто била нападната и зошто, како што рече, се обидел да ја силува.
Арсовска, родена во 1943 година, раскажа дека го затекнала обвинетиот во ходникот од нејзината куќа откако станала да оди во тоалет. Според нејзиниот исказ, тој не одговарал на нејзините прашања, по што ја нападнал и почнал да ја дави.
Таа во тој момент повикала по својот син, по што обвинетиот, како што сведочеше, помислил дека тој е во куќата, ја пуштил и избегал. Арсовска рече дека по нападот немала воздух и паднала во бессознание, а подоцна се разбудила на подот во куќата.
На денешното рочиште обвинетиот имал нов бранител по службена должност, адвокатот Тони Цветковски. Тој побара пред судот да бидат повикани психијатрите и психолозите што го изготвиле вештачењето за обвинетиот.
Цветковски образложи дека барањето го поднесува поради заклучокот на вештите лица дека кај обвинетиот постои висок ризик од повторување на кривични дела. Тој посочи и дека треба да се разгледа можноста за изрекување мерка за безбедност, доколку за тоа постојат законски услови.
Бранителот побара и обвинетиот да биде сослушан за околностите наведени во обвинителниот акт.
Јавниот обвинител Владимир Лапе се спротивставил на предлогот на одбраната од процесни причини, но немал забелешка вештите лица да бидат сослушани пред судот. Тој нагласи дека постојното вештачење е јасно во однос на пресметливоста на обвинетиот.
„Вештачењето не остава простор за сомнеж дека се работи за целосно пресметливо лице“, изјави Лапе.
Во однос на сведочењата, обвинителот оцени дека немало суштински отстапувања од претходните искази на преживеаните жртви дадени во обвинителството. Разликите, според него, биле само во одредени детали и се разбирливи со оглед на возраста на жените.
На следното рочиште во септември треба да бидат сослушани сите тројца вештаци за дополнително појаснување на нивниот наод и мислење, а предвидено е исказ да даде и обвинетиот.
Бојковски е обвинет за четири убиства и два обиди за убиство на жени, а според обвинителниот акт, делата биле извршени од побуди и ниски страсти.