Центарот за управување со кризи информира дека до 12:30 часот, по обилните врнежи од дожд во изминатиот период, на територијата на државата состојбата е под контрола, иако во одделни региони се регистрирани проблеми со одрони, излевања на реки и поплавени земјоделски површини.
Во Штипскиот регион, како последица на претходните врнежи, забележани се зачестени одрони од камења и појава на свлечишта на коловозите, поради што се апелира на внимателно движење. Во Скопскиот регион, според информациите на ЦУК, нема нарушување на редовната состојба поврзана со обилните врнежи од дожд.
Во Охридскиот регион, до 12:30 часот нема пријави за поплавени објекти, а врнежите моментално се прекинати. Надлежните служби од Кризниот штаб Охрид извршија теренска проверка на критичните точки на реката Далјан кај селата Орман и Дебелополе. Регистрирано е излевање на реката Сушица во делот кај улицата „Прилепска“, по што е испратена механизација од ЈП „Нискоградба“ за спречување на понатамошно излевање. Надлежните предупредуваат дека доколку врнежите продолжат, постои опасност од излевање на реката Далјан кај селото Косел и селото Вапила.
Во Струга е пријавено поплавување на дворови во четвртиот реон кај Мислешевски пат, предизвикано од надојдени води од Струшкото Поле. За состојбата се известени надлежните служби, а екипи на Територијалната противпожарна единица Струга интервенираат на терен со пумпи за испумпување на водата. На патниот правец Дебар – Струга има појава на одрони, при што екипи на „Македонијапат“ се ангажирани за одржување и расчистување на коловозот.
Во Велешкиот регион нема нарушување на редовната состојба поврзана со врнежите од дожд и снег. Во Битолскиот регион градското подрачје е нормализирано, но во селото Кравари има заезерени земјоделски површини од 10 до 20 хектари, без опасност по куќите и индустриските објекти. Во селата Жабени и Породин поплавени се околу 70 до 80 хектари земјоделско земјиште, додека излевањето на Елешка Река предизвикало поплавување на околу 50 хектари обработливи површини, при што водата постепено се повлекува во коритото.
Патот кон Буковскиот манастир е сериозно оштетен од поројните врнежи, а ЈП „Нискоградба“ интервенира со градежна механизација. Свлечиште е евидентирано и на патниот правец од селото Буково кон селото Горно Ореово. Поради оштетување на мостот на Боишка Река, локалниот пат кон селото Мренога е затворен за сообраќај. Како последица на поројните дождови, водата за пиење е заматена и се препорачува превривање од најмалку десет минути.
Нивото на реката Црна кај селото Бучин е покачено, но стабилно и без опасност од излевање, при што насипите на критичните точки се дополнително зајакнати. Во текот на наредната недела, општинските власти во Крушево ќе формираат комисија за пријавување и проценка на штетите од поројните врнежи. Во општина Долнени е пријавена штета кај еден жител од селото Лажани, каде биле поплавени дворот и приземните простории, а оштетен е и тутунот. Поплавувања се регистрирани и во селото Пешталево, при што причината се неисчистени канали, а на двете локации интервенираше градежна механизација.
Во Ресенскиот регион поплавени се земјоделско земјиште, дворови, куќи, помошни објекти и магацини за складирање јаболка. Нивото на Голема Река е зголемено од вчерашните 1,40 метри на 1,65 метри. Сите расположливи градежни машини и пумпи од јавните претпријатија и локалната самоуправа се ангажирани за испумпување на водата и стабилизирање на состојбата.
Во Струмичкиот регион засега нема пријави за направени штети, врнежите се со послаб интензитет и не постои опасност од излевање на реките. Исто така, нема пријави за одрони или непроодни патишта. Во Кумановскиот регион, како и во општините Липково, Ранковце, Старо Нагоричане, Крива Паланка и Кратово, состојбата е стабилна, без излевање на реките, а сите патни правци се проодни по влажни коловози.
Во Тетовско-гостиварскиот регион до 12 часот нема пријави за штети предизвикани од врнежите, а надлежните служби и понатаму ја следат состојбата на терен.