СДСМ упати остри критики до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, откако тој побара Европската Унија да ги применува истите принципи кон Македонија како и кон другите земји.
Од СДСМ велат дека Европската Унија не ги поистоветува граѓаните со власта и дека народот не треба да се меша со политичките структури на власт.
„Тошковски мора да разбере едно. Брисел не го меша народот со ВМРО-ОКГ. Народот го гледа како народ. Власта ја гледа како организирана криминална група што ги држи институциите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека извештајот за Македонија е особено критичен во делот на мешањето во правосудството, поради што, како што тврдат, реформите стојат, а земјата чека во место.
„Народот не е бандата. Не смее Тошковски да ги изедначува“, се наведува во реакцијата.
СДСМ обвинува дека власта ги узурпира полицијата, судот и обвинителството и наведува повеќе случаи за кои смета дека покажуваат отсуство на одговорност во институциите.
Во реакцијата се споменуваат и тврдења за поставување обвинител, политички прогон, преминување на пет тони дрога преку границата, поставување лица со криминално минато за почесни конзули, како и други случаи за кои СДСМ бара одговорност од власта.
Од СДСМ го критикуваат Тошковски и за неговите изјави за личниот пример во институциите. Тие наведуваат дека Министерството за внатрешни работи хиперхлорирало вода во Гостивар, дека системот „Safe City“ снимал додека пет тони товар минувале преку границата, како и дека бодигард на, како што го нарекуваат, „шефот на бандата“ поминал без казна.
„Принципите што ги бара веќе важат за држави каде што полицијата не е партиска, судот не е на телефон, обвинителот не се именува од екран“, наведуваат од СДСМ.
Од опозициската партија додаваат дека патот кон Европската Унија, според нив, подразбира слободен суд, слободно обвинителство и институции што ќе функционираат без политички влијанија.
„СДСМ е со граѓаните. Патот кон Унијата е слободен суд, слободно обвинителство, граница што одговара, конзул што не ја продава струјата“, се наведува во реакцијата.
Во заклучокот, СДСМ повторно ги обвинува Тошковски, премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ за, како што наведуваат, криминал и корупција.