Доставувачите на храна кои работат преку платформите Efood и Wolt во Грција вечерва ќе одржат петчасовен штрајк, кој ќе се совпадне со финалниот натпревар на Светското првенство.
Протестот следува по смртта на 20-годишен доставувач, кој оваа недела загина во сообраќајна несреќа на главен пат во Атина додека бил на работна задача.
Доставувачите ангажирани преку платформата Efood првично го најавија штрајкот пред повеќе од една недела, барајќи повисоки плати и подобри услови за работа. Нивните синдикати повторно ги истакнаа истите барања.
Од синдикатот на работниците во Efood велат дека прекумерниот обем на работа, долгото работно време, плаќањето по испорака и притисокот за што побрза достава создаваат небезбедни услови за доставувачите.