Државниот завод за ревизија (ДЗР) изрече неповолно мислење за финансиското работење на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за 2024 година, откако ревизорите утврдиле низа неправилности во финансиското работење, евиденцијата на медицински материјали и вакцини, како и во ангажирањето лица со договори на дело.
Во ревизорскиот извештај се наведува дека е изразено неповолно мислење и во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи, како и за усогласеноста на финансиските трансакции со законската регулатива.
Ревизорите посочуваат дека Институтот и понатаму се соочува со стари неисполнети обврски. Од вкупно 15 препораки дадени во претходните ревизии, целосно се реализирани само четири, една е во тек на спроведување, седум се делумно реализирани, а три воопшто не се спроведени.
Меѓу клучните наоди се наведува дека за приемот и потрошувачката на медицински материјали не е воспоставена целосна евиденција, ниту е извршено усогласување на сметководствената и материјалната евиденција со физичкиот попис. Дополнително, приемот и потрошувачката на вакцини воопшто не биле евидентирани во деловните книги.
Ревизијата утврдила и дека пописот на побарувањата не е спроведен во целост, додека за побарувања во износ од 18,2 милиони денари, постари од три години, не биле преземени активности за нивна наплата.
Во извештајот се наведува и дека дел од активностите предвидени со Годишната програма за јавно здравје за 2024 година не биле реализирани, а биле констатирани и неправилности поврзани со ангажирани лица по договор на дело, како и недоследности при издавањето под закуп на простории на Институтот.
ДЗР доставил писмени укажувања до раководството на ИЈЗ со барање за преземање конкретни мерки за надминување на утврдените состојби.
Ревизорите алармираат и за ненаплатени побарувања од Министерството за здравство во износ од над 17 милиони денари за извршени здравствени услуги по програми за здравствена заштита, при што се посочува дека нивната наплата е неизвесна.
Од Институтот за јавно здравје доставиле забелешки и образложенија на наодите, но поголемиот дел од нив не биле прифатени од државните ревизори поради недостиг на дополнителни материјални докази.