Европската Унија се соочува со период на големи безбедносни, економски и политички предизвици, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во годишното обраќање за состојбата на Унијата пред Европскиот парламент во Стразбур.
Фон дер Лајен оцени дека ЕУ никогаш не била посилна, но истовремено се наоѓа во најнесигурна положба досега. Како главни предизвици ги посочи агресивната Русија, економските притисоци, технолошките промени и јакнењето на ултранационализмот.
„Светот стана отворено непријателски“, порача таа, говорејќи за војната во Украина, борбата за индустриски капацитети и брзината со која се менува технологијата. Според неа, реалните проблеми се користат за создавање поделби во Европа, понекогаш однадвор, но премногу често и однатре.
Фон дер Лајен ги предупреди и оние што, како што наведе, сакаат да го нарушат европското единство, посочувајќи ги ултранационалистите, противниците на европската интеграција и руското мешање. Таа порача дека Европа треба да се обедини околу идејата дека сама треба да одлучува за својата иднина.
Како најважен приоритет го издвојува зајакнувањето на европската економија. Според неа, Унијата мора подобро да го искористи својот голем пазар, индустријата и услугите, а единствениот пазар сè уште е премногу расцепкан. Таа најави и поедноставување на правилата, со цел одлуките за инвестиции, дозволи и отворање работни места да се носат побрзо.
Како пример за европски успех ја посочи компанијата ICEYE, основана пред 15 години од Финец и Полјак по нивното учество во програмата „Еразмус“, која денес е меѓу водечките светски компании во вселенската технологија.
Фон дер Лајен посебно се осврна на економските односи со Кина, предупредувајќи дека трговскиот дефицит на ЕУ со оваа земја достигнал една милијарда евра дневно. Таа оцени дека ситуацијата е на „критична точка“ и најави користење на сите достапни алатки за урамнотежување на односите, како и диверзификација на набавките на критични суровини.
Во делот на енергетиката, таа порача дека Европа не може да остане индустриска сила доколку цените на енергијата структурно останат превисоки. Фон дер Лајен истакна дека Унијата по руската инвазија врз Украина се свртела кон сопствени и почисти извори на енергија, но дека високата цена на енергијата дополнително се почувствувала по затворањето на Ормускиот Теснец.
Таа повика на дополнителни инвестиции во домашна чиста енергија, без оглед дали станува збор за обновливи извори, нуклеарна енергија или биометан, со цел да се намалат увозната зависност и трошоците за енергија.
Во однос на вештачката интелигенција, Фон дер Лајен порача дека Европа сака целосно да ги искористи можностите на технологијата за подобрување на општеството, квалитетот на животот и продуктивноста, но истовремено мора да биде свесна за ризиците.
Таа ги посочи предупредувањата од раководители на водечки технолошки компании кои повикуваат на забавување на развојот на саморекурзивни модели за подобро да се усогласат темпото на напредок и безбедноста. Според неа, Европа има можност да биде лидер во примената на вештачката интелигенција во фабриките, болниците, земјоделството и автономното возење.
Фон дер Лајен се осврна и на меѓународните односи, нагласувајќи дека европската безбедност и просперитет не можат да се градат само во рамките на Унијата. Таа ги посочи новите трговски партнерства со Австралија, Индија, Меркосур, Мексико и Индонезија како стратешки избор и одговор на нарушувањето на меѓународниот поредок заснован на правила.
Во тој контекст, таа порача дека изолационизмот не е опција за Европа и дека Унијата мора повторно да ги осмисли партнерствата и да гради глобални коалиции за зајакнување на отпорноста и демократијата.
Посебно внимание привлече и нејзиниот предлог за продлабочување на партнерството со Канада. Фон дер Лајен ја повика земјата да стане првата придружна членка на ЕУ. Канадскиот премиер Марк Карни, кој присуствуваше на обраќањето, беше поздравен со долг аплауз од европратениците.
Во делот на безбедноста и одбраната, Фон дер Лајен порача дека Европа ќе го брани секој квадратен метар од својата територија и ја потврди поддршката за Украина. Таа предупреди на зачестените хибридни закани, од сајберсаботажи и подметнување пожари до упади со дронови, како и на инцидентите во Литванија, Данска и Полска.
Според неа, европскиот систем на подготвеност мора суштински да се промени бидејќи е создаден за поинакво време. Таа предложи европски протокол за одговор на хибридни закани непосредно под прагот на вооружена агресија, како и „протокол за вонредни безбедносни ситуации“ по примерот на членот 4 од НАТО.
Механизмот, како што објасни, би овозможил на барање на една загрозена земја членка веднаш да се соберат останатите држави за координиран европски одговор, спречување натамошна ескалација и ублажување на последиците. Во рамките на тој предлог, таа повика и на официјално формирање на Европски совет за безбедност.