Лени Ангелоска-Здравеска од Гостивар јавно побара реакција од институциите откако, како што тврди, таа и нејзините две малолетни деца биле нападнати од две агресивни кучиња во селото Другово, кичевско.
Според нејзината објава, инцидентот се случил на 22 мај додека со децата била на кратка прошетка.
„Во паника, помалото дете го кренав во раце, а со другата рака се обидував да го заштитам поголемото девојче и ја криев зад мене. Во тој момент едното куче ми го повлече малото дете од раце и тоа падна на бекатон“, напиша таа.
Тврди дека потоа се појавило и второ куче кое агресивно ја нападнало.
„Ми го фати за дуксерот и повторно ми го повлече детето. Детето беше влечено по бекатонот“, наведува Ангелоска-Здравеска.
Во еден момент, според неа, до нив застанал автомобил, а детето завршило речиси под предното тркало.
„Со последни сили успеав да го извлечам, го зедов во раце и влегов во двор кај соседите за да се спасиме. Но, кучињата продолжија да се враќаат по нас“, пишува таа.
Посочува дека детето се здобило со телесни повреди, кои биле констатирани во Медицинскиот центар во Кичево.
Таа тврди и дека сопственикот на кучињата не покажал грижа за случувањето.
„Најстрашно од сè е што човекот кој ги чува кучињата ладнокрвно одговори дека ‘не му е ништо’ и не покажа никаква грижа, одговорност или човечност“, наведува таа.
Според објавата, случајот бил пријавен во МВР преку Брзата помош, а таа дала и официјална изјава.
„Ова не го споделувам за да правам драма, туку затоа што денес беше моето дете — утре може да биде нечие друго“, порача Ангелоска-Здравеска.