Култното „Југо“, автомобилот што со децении беше симбол на поранешна Југославија, официјално добива нов живот. По години шпекулации и интернет рендери, новиот модел веќе е претставен како концепт, а првиот функционален прототип се најавува за 2027 година.
Проектот го води српскиот бизнисмен и професор д-р Александар Бјелиќ, додека дизајнот го изработува српскиот дизајнер Дарко Марчета. Новото „Југо“ визуелно го задржува препознатливиот квадратест изглед на оригиналот, но со модерни линии, LED светла и поагресивен ретро стил.
Според досегашните информации, автомобилот ќе биде мал градски хечбек со три врати, а најавени се бензински мотори, мануелен менувач и можни хибридни и електрични верзии во иднина. Планот е новото „Југо“ да биде евтин и достапен автомобил, со почетна цена од околу 12.000 евра.
Компанијата сè уште не открива на која платформа ќе биде базиран автомобилот, но странските автомобилски медиуми пишуваат дека ќе користи постоечка архитектура од друг производител, со цел да се намалат трошоците и да се исполнат модерните безбедносни стандарди.
Промоцијата на првиот концепт се одржа во Минхен, а целосниот прототип треба да биде претставен на EXPO Белград 2027.