Македонија бележи силен раст на производството на електрична енергија од сонце, но институционалниот систем не успева целосно да го следи брзиот развој на фотоволтаичниот сектор. Ова го покажува извештајот на Државниот завод за ревизија, во кој се нотирани сериозни слабости во издавањето дозволи, надзорот и координацијата меѓу институциите.
Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика, во 2025 година обновливите извори за првпат имале најголем удел во вкупната инсталирана моќност – 58 проценти, односно 1.842 мегавати во 1.606 централи. Во производството на електрична енергија, обновливите извори учествувале со 46 проценти.
Најголем раст има кај фотоволтаиците. Производството на електрична енергија од сонце во 2025 година било 15 пати поголемо отколку во 2022 година, а во однос на 2024 година пораснало за 38 проценти. Фотоволтаичните централи сочинуваат 81 процент од објектите од обновливи извори.
Токму брзиот развој на секторот, според ДЗР, не бил проследен со соодветно институционално планирање. До мај 2025 година не бил донесен индикативен план за изградба на капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори, кој требало да ги утврди потребите на системот и можностите за приклучување на нови производители.
Ревизорите утврдиле и случаи на издадени одобренија за три големи фотонапонски централи со моќност од 19, 174 и 337 мегавати. Иако станува збор за објекти од прва категорија и од државно значење, дозволите биле издадени на локално ниво, иако за вакви објекти надлежно е Министерството за транспорт, со соодветна одлука од Владата.
Дополнителен проблем е што инвеститор платил повеќе од 112 милиони денари комуналии, а потоа Владата го одбила неговото барање за овластување за изградба. ДЗР предупредува дека ваквите случаи можат да предизвикаат правни и финансиски последици за државата.
Во периодот од 2022 до 2025 година, РКЕ издала 19 привремени и 937 трајни лиценци за производство на електрична енергија од фотоволтаични централи, со вкупна инсталирана моќност од 682 мегавати. До РКЕ биле поднесени и 106 приговори поврзани со приклучувањето на мрежата, од кои половина биле уважени.
Ревизијата покажала и несоодветна состојба со регистрите. Иако лиценци добиле повеќе од 1.040 производители на електрична енергија од фотоволтаици, во официјалниот регистар биле заведени околу 525.
Проблем претставува и недостигот од стручен кадар. Во периодот 2022–2023 година, Секторот за енергетика во тогашното Министерство за економија бил пополнет со само 34 проценти од предвидените места, а во Министерството за транспорт со 42 проценти.
На локално ниво, во Демир Капија и Илинден немало градежен инспектор во периодот од 2022 до 2025 година, додека во Свети Николе по март 2025 година немало ниту еден. Поради тоа, таму не бил спроведен ниту еден инспекциски надзор според Законот за градење. На централно ниво биле извршени само 47 контроли на техничката опрема во фотоволтаичните централи.
ДЗР предупредува и на идниот проблем со отпадот од сончевите панели. Нивниот работен век е околу 15 до 30 години, по што стануваат електронски отпад, а во земјава сè уште нема целосно воспоставен систем за негово управување. Министерството за животна средина и просторно планирање нема донесено конечна категоризација за отпадот од фотоволтаичните панели и батериските системи за складирање електрична енергија.
Ревизорите заклучуваат дека забрзаниот развој на фотоволтаичниот сектор мора да биде проследен со подобро планирање, јасни надлежности, функционални регистри, доволно стручен кадар и поефикасен инспекциски надзор.