Годината што изминува ја остави Македонија во состојба на длабока политичка, институционална и општествена преиспитувачка фаза, обележана од трагедии, политички пресврти, остри судири околу одговорноста и сè погласно незадоволство кај граѓаните. Наместо стабилизација, 2025 година донесе чувство дека државата чекори по тенка линија меѓу формалната демократија и реалниот институционален застој.
Најтешкиот и најтрауматичен настан што ја обележа годината беше пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 млади лица, а над 200 беа повредени. Трагедијата не само што ја потресе јавноста, туку ја разоткри и целата мрежа на системски пропусти, институционален молк и долгогодишна неказнивост. Објект кој со години работел без минимално-технички услови, без противпожарна заштита и со незаконски реконструкции, стана симбол на држава што реагира дури кога е предоцна. Судскиот процес што следеше, со десетици обвинети – од сопственици, обезбедување и инспектори, до поранешни министри и градоначалници – ја претвори Кочани во лакмус-тест за владеењето на правото. Барањето за неселективна правда стана доминантна порака на јавноста, додека скепсата дали системот ќе ги санкционира вистинските виновници остана присутна.
Паралелно со ова, политичката сцена влезе во нова турбулентна фаза. По локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ завзеде повеќе општини, додека СДСМ се најде во длабока внатрешна криза, проследена со јавни судири, заминувања на истакнати функционери и отворени обвинувања за авторитарен начин на водење на партијата. Изјави на поранешни функционери дека партијата се оддалечува од своите вредности дополнително ја продлабочија недовербата кај гласачите. Политичкиот дијалог се сведе на меѓусебни обвинувања.
Неминовен детал беше дебатата дали ќе ни се населат мигранти. Владата склучи договор со Велика Британија за взаемна соработка, а СДСМ ја отвори темата дали ќе се носат мигранти кои таа земја не ги прифаќа. По еден месец препукувања, а додека граѓаните не знаеја на кого да веруваат - предновогодишната атмосфера ги стиши ривалите.
Економската состојба во 2025 година беше обележана со раст на трошоците за живот, стагнација на платите и зголемен притисок врз средната класа. Инфлацијата, иако формално стабилизирана, во пракса се чувствуваше преку високите цени на храната, енергенсите и кириите. Младите сè поотворено зборуваа за иселување, додека недостигот од јасна стратегија за задржување на работната сила остана нерешен проблем.
Безбедноста и јавниот ред исто така беа во фокусот на годината. Проектот „Сејф сити“, кој требаше да донесе поголема безбедност преку видео-надзор, се најде на удар на критики дека камерите не можат да ја заменат физичката присутност на полицијата, особено по серијата сообраќајни несреќи и дивеење по улиците. Граѓаните сè почесто поставуваа прашање дали безбедноста се сведува на казни или на реална превенција.
На надворешнополитички план, Македонија продолжи да тапка во место во процесот на европска интеграција. И покрај декларативната заложба за ЕУ, конкретен напредок беше речиси незабележлив, а разочараноста кај граѓаните растеше. Чувството дека земјата е заглавена меѓу ветувањата и блокадите стана доминантно расположение.
Годината беше обележана и со граѓански реакции и јавен отпор – од протести по трагедии, до бурни реакции на социјалните мрежи за случаи на институционална негрижа, злоупотреби и неправди. Јавниот простор стана место на гласно незадоволство, но и на поделби, со сè помалку доверба дека институциите навистина слушаат.
Во текот на цела година, од власта слушавме дека се работи на проекти кои биле во застој, се отвораа делови од автопатот Кичево-Охрид кој се гради повеќе од една деценија, нѐ убедуваа дека утре ќе биде подобро од вчера.
На крајот од годината, Македонија не излезе посилна, но излезе поосвестена. 2025 година не беше година на напредок, туку година на разоткривање – на слабостите, на пропустите и на цената што ја плаќаат граѓаните кога системот не функционира. Останува прашањето дали научените лекции ќе се претворат во реформи, или ќе останат само уште една болна статистика во историјата на пропуштени шанси.