Промени тема
За нас
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...
„Претрес“ на Жерновски: Поскапувања, политиката, лицемерието, Филипче, СДСМ...

Ева Петковска

media-library2e9baqigp61uc7nGqE3

Трамп: Путин се согласи да престане со напади врз Киев и другите градови

„Особено го замолив претседателот Путин да не го гаѓа Киев и другите градови и населби. И тој се согласи. Морам да кажам, тоа беше многу убаво“, рече Трамп на брифинг за новинари, посочувајќи дека Украина се соочува со екстремно ниски температури.Сепак, американскиот претседател не даде детали за тоа кога и на кој начин му го упатил барањето на Путин, ниту од кој датум би требало примирјето да стапи на сила. Неговите коментари следуваа по шпекулации дека Киев и Москва се договориле за привремена станка во нападите на енергетската инфраструктура, иако ниту една страна официјално не потврдила такво нешто.Меѓутоа, украинското воено воздухопловство соопшти дека руските сили во ноќта лансирале над 100 дронови врз Украина, со 18 потврдени удари во различни региони.Претходно, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров истакна дека Русија смета за неприфатливо примирје по барање на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Постојат и непотврдени информации дека и руските и украинските сили добиле усна наредба за привремена обустава на напади на енергетската инфраструктура.Според про-кремљански блогер, руските војници добиле забрана за гаѓање на инфраструктурни објекти низ Украина, вклучувајќи ги Киев, термоцентрали, хидроелектрани и складишта за гас, нафта и гориво, со забрана која би траела до 3 февруари. Слична усна наредба, според украински медиуми, наводно била упатена и до украинските сили да не напаѓаат руска енергетска инфраструктура.Тие шпекулации се поврзуваат со трилатералните преговори одржани на 23 и 24 јануари во Абу Даби, на кои учествувале и САД. Financial Times пишува дека станувало збор за можно запирање на руските напади врз украински енергетски објекти во замена за воздржување на Киев од удари врз руските нафтени постројки и танкери, но некои украински извори предупредуваат дека конечен договор нема и дека евентуалната пауза би била краткотрајна.

Свет | пред 2 месеци

media-librarylrb5mhoc9rj55RqAUqp

Поранешен заложник на Хамас ги опиша 498-те дена мачење и заробеништво

Поранешен израелски заложник, кој поминал речиси 500 дена во заробеништво во Појасот Газа, изјави дека враќањето на телото на последниот заложник оваа недела значи дека сите ослободени лица конечно можат „да здивнат и да започнат нов живот“, објави Би-би-си.Триесетгодишниот Саша Труфанов, инженер по електроника во компанијата „Амазон“, бил киднапиран на 7 октомври 2023 година за време на нападот на палестински вооружени групи. Неговата свршеница Сапир Коен, мајка му и баба му исто така биле киднапирани и однесени во Газа, но биле ослободени по повеќе од 50 дена. Труфанов бил пуштен на слобода во февруари 2025 година, по вкупно 498 дена заробеништво.Во своето прво меѓународно интервју, дадено за време на посетата на Лондон, Труфанов изјави дека враќањето на телото на Ран Гвили во понеделникот го означило крајот на заробеништвото за сите заложници. Тој опиша дека чувството било олеснувачко, но и долгоочекувано, додавајќи дека и по ослободувањето се чувствувал како сè уште да не излегол од Газа, бидејќи дел од неговите пријатели и „браќа“ сè уште биле таму. Моментот, како што рече, бил и горчлив, бидејќи истиот ден бил роденденот на неговиот татко Виталиј. Дури на денот на своето ослободување дознал дека татко му бил убиен на 7 октомври и дека никогаш нема да го пречека.Труфанов и Коен престојувале кај неговото семејство во кибуцот Нир Оз, во близина на границата со Газа, кога вооружени напаѓачи упаднале во нивните домови. Коен се обидела да се скрие под креветот, но и двајцата биле заробени. Труфанов бил претепан и прободен со нож во рамото, а подоцна, по краток обид за бегство, бил застрелан во двете нозе и удрен со кундак во главата, при што му била скршена черепната коска.По пристигнувањето во Газа, како што сведочи, бил тепан од цивили и мислел дека ќе умре. Во текот на заробеништвото добил минимална медицинска нега, а скршената нога најпрво му била имобилизирана со дрвена метла, а потоа со дел од метална решетка. Поголемиот дел од времето бил во целосна изолација и за речиси 500 дена само два дена видел друг заложник. Во почетокот бил држен во кафез со минимална количина храна, а подоцна бил префрлен во подземни тунели, каде што со месеци престојувал сам во мрачен, влажен и тесен простор, со чувство дека е жив закопан.Ова е првпат од 2014 година наваму во Газа да нема израелски заложници. За време на нападот на 7 октомври 2023 година беа киднапирани 251 лице, а убиени околу 1.200 луѓе. Израел потоа започна воена операција во Газа, во која, според податоците на тамошното министерство за здравство управувано од Хамас, загинале повеќе од 71.660 лица. Од почетокот на примирјето на 10 октомври 2025 година, убиени се најмалку 492 Палестинци и четворица израелски војници.Со враќањето на сите заложници, живи и загинати, треба да започне втората фаза од планот на американскиот претседател Доналд Трамп за ставање крај на војната. Планот предвидува трајно отворање на граничниот премин Рафа меѓу Египет и Газа, целосна демилитаризација на Појасот Газа, разоружување на Хамас и другите групи, воспоставување технократска палестинска власт и обнова на разурнатата територија.Труфанов смета дека тоа не е доволно и дека, покрај обновата, неопходно е да се стави крај на омразата и насилството. Тој моментално минува низ физичка и психолошка рехабилитација, по операцијата на ногата сè уште се движи со помош на патерици, но се надева дека за неколку недели ќе може да заигра на својата свадба со Сапир Коен, што го опишува како своја лична победа над стравот и омразата.

Свет | пред 2 месеци

media-library830mn8ibftej6nop7o3

Украинските сили уништија руски радар вреден околу 100 милиони долари

Украинските вооружени сили уништија модерен руски радарски систем од типот „Небо-СВУ“, чија вредност се проценува на околу 100 милиони долари, а во одвоени напади беа погодени и неколку руски контролни пунктови за беспилотни летала. Генералштабот на Вооружените сили на Украина соопшти дека радарот бил погоден во близина на селото Лимаривка, во окупираниот дел од Луганската област, објави „Кијив пост“.Станува збор за радарски систем наменет за противвоздушна одбрана на копнените сили, кој руската армија го користи од 2017 година. Според украинските процени, една единица од овој систем чини околу 100 милиони долари. „Небо-СВУ“ се одликува со целосно дигитална обработка на сигналот, висока отпорност на електронско попречување и способност за откривање летала со намалена радарска видливост, со радарски одраз од 0,1 квадратен метар, на далечина до 100 километри.Според претходни информации објавени од „Дифенс експрес“, руската страна тврди дека радарот може да открива цели на далечина до 360 километри доколку летаат на височина од 20 километри. Тој домет се намалува на околу 270 километри за цели на височина од 10 километри, односно на приближно 60 километри за летала што се движат на височина од околу 500 метри. Истовремено се посочува дека, иако руските извори често ја нагласуваат теоретската способност на системот да детектира и летала со стелт-карактеристики, прецизноста на откривањето во тој радарски опсег е релативно ниска.Генералштабот на Украина информираше и за напади врз неколку руски контролни пунктови за дронови, лоцирани во близина на населбите Солодке, Ривнопиље и Новохрихоривка во окупираниот дел од Запорошката област, како и кај Пидстепне во Херсонската област. Во исто време било погодено и складиште за муниција во близина на Василивка, исто така во Запорошката област. Украинската војска ги потврди ударите и наведе дека обемот на руските загуби сè уште се утврдува.

Свет | пред 2 месеци

media-library0isa29qnifii7pTLcSC

Штерјова: Новите членови на Управните одбори со срамни стручни биографии а богати партиски сивија

Советничката од СДСМ во Советот на Град Скопје, Кети Штерјова, која е член на Мандатната комисија, посочи дека е точно дека биографиите на новите 117 членови на управните и надзорнитр членови им биле поделени на членовите на Комисијата, но требало да ги добијат сите советници за да видат дека се работи за партиски кадри и дека местата се пополнуваат со луѓе од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и од другите коалициски партнери.„Кандидати за советници на листите на ВМРО ДПМНЕ во општините и во Градот Скопје, партиски членови, донатори на политичката партија ВМРО ДПМНЕ, фамилијарни врски со високи партиски функционери, цели партиски фамилии кои се вдомени во државни институции на високи позиции, се дел од предлозите.Дали овие лица се поставени таму за јавните претпријатија да служат за партиската агенда, а не за интересите на граѓаните? Како ќе објасните дека оваа кадровска понуда е водена од јавниот интерес?Со ова очигледно сакате да се оддолжите кон вашите членови од штабовите, срамни стручни биографии, наспроти богати партиски сивија”, рече Штерјова.Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски тврдеше дека никогаш не одлучува партиски, дека сите се кандидати имаат професионално и стручно искуство, за кои уверува дека ќе ги решаваат проблемите во јавните претпријатија.„Јас никогаш партијата не ја ставам пред интересите на граѓаните”, рече градоначалникот.

Скопје | пред 2 месеци

media-libraryp8ed9eim9t035cDPOfd

Муцунски во разговор со еврокомесарката Марта Кос: Во фокус економските предизвици и евроинтеграциите

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево оствари телефонски разговор со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.Фокусот на разговорот беше ставен на актуелните економски предизвици и евроинтегративниот процес.Соговорниците разменија мислења за изнаоѓање конкретно и одржливо решение за предизвиците со кои се соочуваат професионалните превозници, како и за прашањето поврзано со тарифите за челик. Во тој контекст, министерот Муцунски ја нагласи потребата од навремена и координирана реакција, со цел да се избегнат дополнителни негативни ефекти врз домашната економија.Во контекст на евроинтегративниот пат на државата, министерот Муцунски ја потврди јасната и силна посветеност кон реформскиот процес, обезбедувањето континуитет во неговото спроведување, како и усвојувањето на законите кои се составен дел од европската агенда.

Македонија | пред 2 месеци

media-library7u4gdf6hkitpco2qyie

Нетфликс го објави трејлерот за новата криминалистичка трилер-серија за детективот Хари Хуле

Нетфликс го објави официјалниот трејлер за новата напната криминалистичка трилер-серија базирана на бестселерите на прочуениот норвешки писател Ју Несбе, која е наменета за љубителите на мрачни и психолошки комплексни детективски приказни. Серијата е инспирирана од култниот книжевен лик Хари Хуле и ќе ја има својата премиера на 26 март.Во главната улога на проблематичниот, но исклучително брилијантен детектив Хари Хуле се појавува Тобијас Сантелман, познат по улогата во серијата „Последното кралство“. Покрај него, во актерската екипа се и Џоел Кинаман, кој го толкува ликот на Том Велер, како и Пиа Тјелта во улогата на Ракел Фауке.Серијата, насловена „Jo Nesbo's Detective Hole“, се фокусира на сложениот карактер на Хари Хуле, лик чиј книжевен серијал е продаден во повеќе од 60 милиони примероци ширум светот. Приказната го истражува неговиот тежок однос со колега детектив кој тргнал по значително помрачен пат, при што централниот конфликт се развива меѓу Хари и морално контроверзниот Том Велер.Според официјалниот синопсис, Хари Хуле е измачуван инспектор за убиства кој се бори со сопствените демони, додека двајцата детективи дејствуваат на рабовите на етичноста во кривично-правниот систем. Во обид да фати сериски убиец, Хари мора истовремено да го спречи и Велер, пред последиците да станат непоправливи.Трејлерот веднаш ги вовлекува гледачите во хаотичен и опасен свет, започнувајќи со брутална сообраќајна несреќа, симболично отворајќи ја вратата кон секојдневието во кое функционира Хари Хуле. Иако исклучително способен во својата професија, ликот е прикажан како човек кој не е подеднакво успешен во приватниот живот, што дополнително ја продлабочува неговата психолошка димензија.Најавата беше пречекана со голем ентузијазам од обожавателите на делата на Ју Несбе, кои на социјалните мрежи изразија надеж дека серијата ќе биде достојна адаптација на книжевниот материјал и значително подобра од претходната филмска верзија „Снешко“. Многумина истакнаа дека изборот на актер за улогата на Хари Хуле целосно одговара на нивната претстава за ликот и дека серијата има потенцијал да стане едно од најдобрите телевизиски остварувања од овој жанр.„Jo Nesbo's Detective Hole“ на Нетфликс пристигнува на 26 март и веќе се најавува како една од најочекуваните криминалистички серии оваа пролет.

Магазин | пред 2 месеци

media-librarymsk8rnlg0m7udlkdND6

Македонските превозници се повлекуваат од блокадите

Македонските превозници вечерва, на 29 јануари, во 20 часот ќе се повлечат од блокадите на товарниот дел од граничните премини, одлучи попладнево Асоцијацијата „Макам-транс“, по одлуката на Европската комисија да донесе нова стратегија за визи, со која се најавува разгледување на проблемот со престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната.Со повлекувањето од блокадите, по речиси четиридневен застој, се очекува нормализирање на товарниот сообраќај на граничните премини „Деве Баир“, „Делчево“, „Ново Село“, „Дојран“, „Богородица“, „Меџитлија“, „Ќафасан“, „Блаце“, „Блато“ и „Стење“. Од „Макам-транс“ преку објава на Фејсбук соопштија дека одлуката е донесена затоа што со стратегијата на ЕУ е добиена потврдата која ја очекувале за можни идни промени, при што упатија благодарност до сите кои, како што наведоа, во изминатите денови ја покажале својата поддршка и солидарност со блокадите.Блокадите започнаа на почетокот на неделава од страна на транспортери од Северна Македонија, Србија, Црна Гора и од Босна и Херцеговина, со барање да бидат изземени од новиот систем за контрола на влез и излез во Европската Унија. Превозниците предупредија дека примената на правилото за престој од 90 дена во рамки на 180-дневен период во Шенген-зоната предизвикува економски штети и ризик од депортации за професионалните возачи.Новата стратегија на Европската комисија, иако во оваа фаза не носи конкретно решение, потврдува дека прашањето ќе биде предмет на понатамошно разгледување. Во документот се наведува дека Комисијата ќе соработува тесно со земјите-членки за изнаоѓање „прагматични решенија“ кои би овозможиле продолжен краткорочен престој за одредени категории државјани од трети земји, истовремено обезбедувајќи безбедност, економски придобивки и правна сигурност.Како можност се споменува и воведување ново законодавство на ниво на Европската Унија, со посебни правила за продолжен краткорочен престој, при што ќе се разгледа и влијанието на постојните билатерални договори што дозволуваат подолг престој, со цел нивно постепено укинување. Стратегијата признава дека одредени категории работници, меѓу кои и возачите на камиони, поради природата на својата работа зависат од мобилност и имаат потреба да останат подолго од дозволените 90 дена во рамки на 180-дневниот период, без обврска за дозвола за престој.

Македонија | пред 2 месеци

Bislimovski

Бислимоски: Нема да дозволам да се наруши мојот углед

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ), Марко Бислимоски, изјави дека сите постапки за одземање лиценци во енергетскиот сектор се водат строго согласно Законот за енергетика и Правилникот за лиценцирање, без исклучоци и без повластен третман за ниту една компанија. Изјавата ја даде на денешната прес-конференција, откако утринава Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава против него до Основното јавно обвинителство Скопје, за наводна злоупотреба на службената положба и овластување.Бислимоски нагласи дека во истиот период кога се водела постапката за компанијата која е предмет на јавен интерес, идентични постапки, со исти рокови и процедури, се воделе и за други компании, не само во секторот за нафтени деривати, туку и во секторот за електрична енергија. Според него, сите одлуки биле носени од сериозен и стручен тим во рамките на РКЕ.Тој потенцираше дека никогаш немало повластена компанија, ниту пак постапка спроведена спротивно на законската регулатива. Како што рече, РКЕ доследно ги применува истите правила во сите сегменти на енергетиката, а тоа е пракса која продолжува и денес, без оглед дали станува збор за електрична енергија, нафтени деривати или природен гас.Во однос на поднесената кривична пријава, Бислимоски изјави дека целосно ќе го следи процесот и дека на надлежните институции ќе им ги стави на располагање сите потребни информации. Тој изрази уверување дека во постапките нема прекршување ниту на Законот за енергетика, ниту на Правилникот за лиценцирање, додавајќи дека нема да дозволи, како што рече, да биде нарушено неговото лично и професионално достоинство.На прашањето дали зад пријавата стојат политички мотиви, Бислимоски одговори дека тоа е прашање за подносителите на пријавата и дека времето ќе покаже дали имало политички притисоци.Тој потсети дека РКЕ во изминатиот период била оценувана како едно од најдобрите регулаторни тела во рамките на Енергетската заедница, токму поради доследната примена на пропишаните процедури и постапки, кои, како што наведе, служеле како пример и за други институции во енергетскиот сектор.Во врска со наводите за спречено одземање лиценца и за рокови кои траеле до 15 месеци, Бислимоски појасни дека истите процедури се применувале за повеќе компании. Дел од постапките завршиле со одземање на лиценца, додека кај други, по утврдување дека не се исполнети законските услови, лиценците не биле одземени, и тоа во сите сегменти од енергетиката. Според него, во понатамошниот период ќе се докаже дека сите постапки биле спроведени законски и транспарентно.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryv04cn5gpcmm0cLeOeRZ

(ВО ЖИВО) Осудениот Трајковски за 27 април: Ми беше понудено од обвинителите да ги предадам сите, за да си купам слободата

Влатко Трајковски, бранител од 2001 година и учесник на протестот и настаните на 27 април во „Претрес со Ландов”, се сеќава на деновите во 2017, по 27 април. Во неговата трагична приказна, вели:„Обвинителите ми понудија и сакаа да потпишам признание и да искодошам други затвореници, ветувајќи ми полесна казна или ослободување, но јас не прифатив”.„Децата знаат дека не сум терорист. Мене политиката ме затвори, Заев ме затвори. Гневен сум на сам себе, можев да направам многу а не направив ништо на 27 април.Сега сум осуден терорист. Не се каам што сум бил бранител. Лут сум на тогашните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ што фобија гласови, а од внатре од Собранието не баправија ништо”, вели Трајковски.За Никола Груевски кој во 2017 година ги повикуваше граѓаните да не седат дома по папучи и да излезат на протест не коментира многу, само вели дека бил добар политичар и добар економист.„Во 2001 Бранко Црвенковски, Борис Трајковски и Љубчо Георгиевски ја предадоа Македонија. Војната беше режирана. Од терористи ги направија бранители за човекови права. Овој народ не заслужува да има држава. По казната заминувам од државата”, рече во Претрес Влатко Трајковски.

Македонија | пред 2 месеци

media-librarynma8ed2g937vasmljIe

(ВО ЖИВО) Осуден за 27 април: Тоа што не успеаја во Радуша во 2001 година, Џафери со Заев и Спасовски го направија во 2017

Бранителот од 2001 и осуден со 15 годишна затворска казна за 27 април, Влатко Трајковски во „Претрес со Ландов” говори за настаните од тој кобен ден и за деновите потоа.„Судијката Сандра Крстиќ ми рече дека за учество во толпа и дотогаш со чисто досие ќе ме казнат условно. По 7 месеци дојдоа дома специјалци кои направија претрес во мојата куќа. Униформирана полиција и инспектори останаа а специјалците заминаа. Ја најдоа мојата униформа, оружје немав. Ме спроведоа во суд со лисици на раце кои ми ги оставија 20 часа. Со борбено возило ме однесоа во Шутка со обвинение за терористички здружување. Прво не ставија со осудени од Диво Насеље. Човекот ме праша дали сум за Села или за 27 април, кога му реков дека сум за 27 април се поклони пред мене”, рече Трајковски.Вели дека не е разочаран од ВМРО-ДПМНЕ зошто не го ослободиле, а и сам влегол во Собрание.„Тогаш во Радуша што не ми направија ми го направија на 27 април. Мислам на Талат Џафери, Заев и Спасовски”, вели Трајковски.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryklck7e1huh3o0jdNfjz

(ВО ЖИВО) Бранител и осуден во 27 април: Случајот беше монтиран за да се смени името

Гостин во „Претрес со Ландов” е Влатко Трајковски, бранител во 2001 од битката за Радуша и осуден за настаните на 27 април.„Тој кобен 27 април излегов од работното место во Раде Кончар и отидов да купам мамци за риболов. Не планирав тој ден да одам на протест пред Собрание.Но околу 7:30 отидов да ја гледам играорната претстава пред Собрание. Но претходно отидов накај Дион кога ми кажаа дека се пее албанска химна во Собрание. Тоа е кривично дело и може да избие немир. Кога стигнав вратите на Собранието беа отворени а знаев дека и моите родители се таму. Прв пат влегов во Собрание, во салата Македонија бев на крај. Ми пријде полицаец и ми рече не пуштај никого, горе е Заев”, се сеќава Трајковски.Толпата го однела до прес центарот. Саше Тасевски, кој тогаш бил обезбедување на Оливер Спасовски, бил со вперен пиштол.„Милева Георгиева, пратеничка од СДСМ и заменик министерот Петар Атанасов лежеа и ме молеа да не ги оставан.Ги изнесов и ги предадов на полицијата. Сега починат пратеник од Кочани Сашко Костов ме нарече хулиган и ме праша дали вака се освојува власт. Со ПП апарат го испрскав.Тој ме нападна но глумеше паѓање во несвест. Прв што дојде до Зијадин Села бев јас.Саше Тасевски ми рече да помогнам да не ги убијат. Некој со столче ме удри. Излегов и за тоа добив 15 години затвор. Комуњарите ме осудија. Знаејќи ја Кацарска очекував затвор, но мислев дека ќе добијам 12 години”, вели Трајковски.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryq96tm8j3vol03UTut8o

Спречено пустошењето на Огражден – одземени возила на организирана група

Во тивка, но ефикасна акција, вечерва беа одземени возилата на добро организирана група која во изминатиот период предизвикуваше сериозни штети на планината Огражден. Интервенцијата беше спроведена без помпезност и сензационализам, но со јасен резултат – запирање на дивеењето на овој значаен природен простор.Акцијата е реализирана со одлична координација меѓу вработените служби, Шумско-полициската станица Струмица и Министерството за внатрешни работи – Струмица. Токму за овие возила, како што се посочува, во изминатиот период пристигнувале бројни реакции и поплаки од граѓаните, кои постојано ги забележувале на терен и алармирале за нивното присуство и активности.Информацијата за акцијата и за одземените возила е објавена од Кире Михаилов, кој посочи дека институциите внимателно ја следат состојбата на терен и дека заштитата на планината Огражден останува приоритет, особено кога станува збор за организирани појави што ја загрозуваат природата и јавниот интерес.

Македонија | пред 2 месеци

media-librarycp21534u4i8raTYzVFr

ВМРО-ДПМНЕ: Сојузот СДС, Левица и ССМ и нивните намери се разоткриени, само глумат грижат за работниците и затоа вечерва на протест собраа едвај илјада лица

Вечерашниот протест организиран од Сојузот на синдикати на Македонија, заедно со СДС и Левица, покажа дека нивната поддршка за работничките права е ограничена. На улиците се собраа околу 1.000 лица, а наместо да седнат на маса и да договорат конкретни решенија, тие ги избраа протестите како единствен начин на делување.Според ВМРО-ДПМНЕ, истите политички партии и нивните синдикати одбија понуда за покачување на платите од 40 проценти во рок од две години, што ја доведува во прашање нивната искрена грижа за работниците. Лидерот на СДС и нивните сојузници, како што посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ, ја глумат загриженоста, додека реално не преземаат конкретни чекори за подобрување на животниот стандард.ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека доследно се грижи за стандардот на живот на граѓаните и останува посветено на поддршка на сите кои бараат достоинствени плати и подобри услови за работа.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryifj7namj2f1n0svrrZY

СДСМ ќе поднесе законски решенија за покачување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите

СДСМ ги поддржува барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот. Имајќи ја предвид тешката положба на работниците и намалениот животен стандард на граѓаните, партијата најавува поднесување законски решенија во Собранието за зголемување на минималната плата на 600 евра, како и покачување на платите за 100 евра во останатите сектори.Покрај тоа, СДСМ ќе предложи и законски мерки за замрзнување на платите на функционерите. Детали за овие законски решенија ќе образложи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на претстојната прес-конференција.

Македонија | пред 2 месеци

media-library766t4gkq2op60SlthRO

Петрушевски: ССМ водат политика и прават неосновани протести

„Синдикатот одби 40% зголемување на платите во рок од 2 години, нешто коешто беше понудено од Владата, нешто коешто го изјави јавно и премиерот. Зошто? Затоа што нивната борба не е за повисоки плати, нивната борба е да наштетат на Владата. И тоа граѓаните мора да го знаат. Ова раководство на Сојузот на синдикатите на Македонија, не се бори за поголеми плати на работниците, туку напротив, игра политичка улога под палката на СДС за да и наштети на Владата“, истакна пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски во гостување во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија.Пратеникот Петрушевски посочи дека ССМ не го поздравил досега ниту еднаш колективниот договор во образованието и здравството, ниту пак ги поздравија зголемените плати во МВР, Министерство за одбрана и во центрите за социјална работа и нагласи дека  протестот којшто се одржа од страна на ССМ не е затоа  што нивен приоритет се работниците, работничките права и работничките плати, туку дека нивен приоритет е политиката.„Владата е медијатор, го има оформено Економско-социјален совет, разговара со синдикатите, разговара со работодавачите, меѓутоа конечниот договор, согласно закон, согласно досега воспоставена пракса мора да биде постигната помеѓу работодавачите и синдикатите. Меѓутоа, ССМ кој што денес протестира, наместо да преговара, наместо да разговара со работодавачите, наместо да ги пофали оние зголемувања на плати коишто досега се постигнати во здравство, образование итн., и да си ја работи работата за којашто всушност постои, ССМ водат политика и прават неосновани протести, претходно одбивајќи 40% зголемување на платите“, дециден е Петрушевски.

Македонија | пред 2 месеци

media-library1qhvi0j7nr4s1fCcDnS

Бојковска: За новиот Кривичен законик веќе има нацрт-верзија, ќе биде донесен до јуни

Драгана Бојковска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, гостуваше во емисијата ,,Само вистина“ на Канал 5 телевизија. Бојковска се осврна на измената на Кривичниот законик, која се изгласа денес во Собранието, а нагласи дека се подготвува и нов Кривичен законик, на кој веќе се работи и за кој веќе има нацрт верзија.,,Денеска официјално се изгласа измената на Кривичниот законик којшто беше поднесен од 9 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои што сум и јас. Оваа измена доаѓа по онаа иницијатива и она укажување на Уставниот суд, којшто ни кажа дека доколку не направиме до крајот на годината измени во Кривчниот законик, ќе оставиме да имаме правна празнина, и оттаму доаѓа и таа иницијатива да поднесеме предлог измена на Кривичен законик и секако од оној упад којшто беше направен од претходната влада во 2023 година, каде што освен што се намалија казните по членот 353, односно злоупотреба на службена положба и овластување се бришеа и оние кривични дела односно инкриминацијта на одредени кривични дела, се со цел да се амнестираат и ослободат оние кои што  би се гонеле по овој член. Оттаму доаѓа овој предлог измена на Кривичниот законик, се со цел да се ублажат состојбите коишто беа настанати од претходната влада“, рече Бојковска.Бојковска истакна дека се подготвува нов Кривичен законик и постои работна група во Министерството за правда која веќе работи на него, а како што вели, истиот треба да биде донесен до јуни, бидејќи веќе постои нацрт верзија за истиот.,,Се спрема нов Кривичен законик на којшто работи одредена работна група во Министерството за правда, којшто треба да добие позитивно мислење од Венецијанската комисија, и секако ќе се најде пред нас пратениците“, кажа Бојковска и додаде:,,Очекувам овој нов Кривичен законик да биде донесен најдоцна до јуни месец оваа година, но очекуваме да биде тоа и порано, бидејќи знаеме дека веќе има некоја нацрт верзија од истиот. По финализирање на истиот закон, ценам дека Македонија треба да добие пред се еден квалитетен кривичен законик бидејќи најсложениот и најсензитивниот закон за сите граѓани во оваа држава е Кривичниот законик и треба да бидеме особено внимателни“.Таа истакна дека ја поддржува измената на Кривичниот законик со оглед на тоа што и самата е подносител, и нагласи дека новиот Кривичен законик ќе биде ставен на ЕНЕР,  а ги повика и пратениците да дебатираат за поквалитетно законско решение.,,Спречуваме навистина нешто кое што беше нотирано во 3 извештаи на Европската комисија, во извештаи во Стејт департменот на САД којшто укажуваше дека Македонија се соочува со сериозно  уназадување на борбата на корупцијата и со гонењето на високиот криминал, токму поради овие измени. Ќе биде нов Кривичен законик, којшто ќе биде ставен на ЕНЕР, за којшто ќе можеме и ние пратениците да дебатираме за поквалитетно законско решение. Јас ги повикувам сите колеги мои пратеници, да учествуваат во таа јавна расправа, за да понудиме едно поквалитетно законско решение“, заклучи Бојковска.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryf59j7aukvsl92PODmKM

Пешевски најави голем генерален штрајк

Иван Пешевски од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) попладнево на протест пред Владата најави дека секој ден ќе бидат присутни додека не се постигне целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и покачување на сите плати за 6.000 денари.Пешевски порача дека работниците сакаат достоинствена плата која го вреднува нивниот труд, а не милостина. Тој истакна дека ќе бидат подготвени да блокираат институции и да донесат одлука за генерален штрајк во приватниот сектор за првпат во историјата на Македонија.„Велат не сме биле продуктивни, а тие се многу продуктивни со Мерцедеси, Поршиња и вили во Грција! Доста е, време е да се разбудиме“, рече Пешевски, додавајќи дека додека работниците се грижат како да ги прехранат семејствата, дел од властите уживаат во луксуз.

Македонија | пред 2 месеци

media-libraryjf6epn3bng7r3MkNoeO

Кремљ е подготвен за средба Зеленски-Путин, но со еден услов

Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе мора да отпатува во Москва ако сака директна средба со рускиот претседател Владимир Путин. Ушаков додаде дека Москва е подготвена да му гарантира безбедност и сите потребни услови за работа на Зеленски.Изјавата следува по подготвеноста на Зеленски да разговара со Путин за два клучни прашања во мирниот процес: територијално решение и иднината на нуклеарната централа Запорижја, која е под руска окупација.Следниот круг дипломатски разговори, во кој учествуваат Украина, Русија и САД, се очекува да се одржи на 1 февруари. Висок американски претставник посочи дека директна средба меѓу Зеленски и Путин, евентуално со учество на Доналд Трамп, „не е невозможна“.Историјата покажува дека досега биле направени повеќе обиди за директни разговори, но Москва често наоѓала причини за одложување. Последната лична средба меѓу Зеленски и Путин се случила во Париз во декември 2019 година, во рамките на Нормандискиот формат, а откако Русија ја започна целосната инвазија во февруари 2022, директни разговори не се воделе.

Свет | пред 2 месеци

media-librarybdji88rqfqg783Xkdd3

Ново судење за родителите на Коста Кецмановиќ

Во Вишиот суд во Белград, утре, на 29 јануари, ќе започне повтореното судење на Владимир и Милјана Кецмановиќ, родители на Коста Кецмановиќ, кој на 3 мај 2023 година во Основното училиште „Владислав Рибникар“ уби девет деца и училишен чувар, а рани пет деца и наставничка по историја, пренесува Телеграф.Се очекува Милјана Кецмановиќ да дојде од слобода, додека Владимир ќе биде доведен од притворот каде што се наоѓа од денот на апсењето. Првата првостепена постапка беше затворена за јавноста, а медиумите објавија дека обвинетите ги негирале обвинувањата.Главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, изјави дека се очекува повторената постапка да биде ефикасна и без одолговлекување, и дека обвинителството ќе инсистира на осудителна пресуда во согласност со собраните докази.Повтореното судење е наложено од Апелациониот суд, кој ја укина првостепената пресуда. Во првата постапка, Владимир беше осуден на 14 и пол години затвор за запоставување и злоставување на малолетно лице и за тешко дело против општата сигурност, додека Милјана доби три години затвор за запоставување и злоставување на малолетно лице.

Свет | пред 2 месеци

makron

Макрон: Гренланд не е на продажба и нема да биде отуѓен

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска се обрати на гренландски и дански јазик за да ја изрази поддршката на островот по разговорите со данската премиерка Мете Фредериксен и премиерот на Гренланд, Јенс Фредерик Нилсен, пренесуваат „Политика“ и „Фигаро“.„Гренланд не е на продажба и нема да биде отуѓен. Гренланѓаните ќе одлучат за својата иднина“, изјави Макрон на гренландски, додека на дански истакна дека „Франција ќе продолжи да стои покрај Кралството Данска“.Претседателот ја оцени како „стратешки повик за будење за цела Европа“ неодамнешната изјава на американскиот претседател Доналд Трамп за можноста Гренланд да стане дел од САД. Макрон додаде дека Франција „била вчера, е денес и ќе биде утре“ на страната на Данска и Гренланд.Премиерката Фредериксен му се заблагодари на Макрон за заштитата на заедничките вредности и го пофали „конкретниот придонес“ на Франција во зајакнувањето на безбедноста на Арктикот. Премиерот на Гренланд, Нилсен, истакна дека Франција била покрај Гренланд „во исклучително тешка ситуација“ и дека тоа нема да се заборави.

Свет | пред 2 месеци

media-libraryk3rpevvfksqe9xEMWTL

Норвешкиот министер за одбрана: Руските ракети можат да стигнат до САД за 18 минути

Норвешкиот министер за одбрана, Торе Сандвик, предупреди дека арктичкиот регион станува клучна зона за стратешко надминување меѓу НАТО и Русија. Тој укажа на Кола, рускиот полуостров со еден од најголемите нуклеарни арсенали, од каде интерконтиненталните балистички проектили до американските градови стигнуваат за околу 18 минути.Русија, која контролира половина од копнениот и воден арктички простор, има над 40 воени објекти и ја модернизира Северната флота и нуклеарните подморници. Во октомври минатата година тестираше и крстосувачка ракета на нуклеарен погон на Новата Земја.Нордиските земји повикуваат на поголем ангажман на НАТО во Арктикот, а САД, Велика Британија и Франција веќе ги зголемија обуките за арктички операции. Во март ќе се одржи вежбата Cold Response во северна Норвешка со околу 25.000 војници.Два клучни морски пролази каде би се НАТО и Русија судриле за контрола: преминот меѓу Гренланд, Исланд и Обединетото Кралство (GIUK) и арктичкиот морски премин кај Свалбард.И покрај воените активности, нордиските официјални лица нагласуваат дека приоритет мора да останат климатските промени, инфраструктурата и правата на автохтоните народи. Русија и Кина, пак, гледаат на Арктикот како долгорочна стратегиска зона за надминување и економска експанзија.

Свет | пред 2 месеци

media-librarysqaus4a0fujf85OyqSF

Во срцето на Европа беснее брутална војна на наркобандите: „Париз не третира како колонија“

Ескалацијата на насилството во една од проблематичните четврти на Марсеј принуди илјадници вработени да работат од дома. Нередите ја потсетуваат јавноста на влијанието на наркотик-криминалот врз секојдневниот живот и политичката сцена пред локалните избори во март.Безбедноста е главна грижа на гласачите, а кандидатите од сите политички спектри нудат различни решенија за справување со криминалот. Актуелниот градоначалник Беноа Пејан од левицата е благо фаворизиран со околу 30% поддршка, додека Франк Алисио од крајната десница го следи тесно, исто како и кандидатката од десен центар Мартин Васал.Насилството повторно се актуелизираше по убиството на 20-годишниот Мехди Кесаси, што предизвика посета на Марсеј од претседателот Емануел Макрон и министри за внатрешни работи и правда, кои претставија строги мерки против криминалот. Локалните активисти нагласуваат дека мерките мора да се комбинираат со инвестиции во образование, социјални услуги и економски можности за младите.Кандидатите се согласуваат дека решението не е само репресија: Пејан ветува бесплатни оброци за ученици и двојно повеќе квартовски полицајци, Алисио се фокусира на видео-надзор и специјализирани единици, а Васал предлага наоружување на контролорите и субвенции за младите и градежни проекти. Единствено кандидатот на крајната левица, Себастијан Делогу, предлага средства за борба против сиромаштијата наместо за полиција.Изборот на нов градоначалник ќе покаже како локалните решенија за безбедност и социјални проблеми ќе се вклопат со националната политика и ќе влијаат на подготовките за претседателските избори во 2027 година.

Свет | пред 2 месеци

media-librarys06anapf9njbboixj5Y

Украина го повика на разговор унгарскиот амбасадор

Украинското министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало Антал Хајзер, унгарскиот амбасадор во Киев, поради неодамнешните изјави на високи унгарски политичари, вклучително и премиерот Виктор Орбан, за наводно вмешување на Украина во претстојните парламентарни избори во Унгарија.Министерството упати протест до унгарскиот амбасадор, негирајќи дека Украина се меша во унгарските избори. Се нагласува дека Киев решително се противи на „секој обид од унгарска страна да ја вовлече Украина во изборната кампања“, истакнувајќи дека тоа ја нарушува развојната соработка меѓу двете земји.Украина ја повика Унгарија да „престане со агресивната реторика против Украина“ за да се избегнат понатамошни негативни последици по билатералните односи. Во соопштението се нагласува дека Украина останува подготвена за конструктивна соработка со Унгарија и повторно се повикува Будапешт да престане да блокира преговорите на Украина за членство во ЕУ, со објаснување дека тоа би било во интерес на двата народа, како и на унгарското малцинство во Украина.

Свет | пред 2 месеци

media-libraryp16boqiv94am7VaOnXT

Блерим Беџети од ДУИ: 600 евра не се луксуз, туку услов за нормален живот

Пратеникот и функционер на Демократската унија за интеграција, Блерим Беџети, изрази поддршка за протестот на синдикатите, порачувајќи дека одговорноста за состојбата со платите не е кај работниците, туку кај политиките што ги води власта.„Кога работниците се принудени да излезат на улица за достоинствена плата, проблемот не е кај работниците проблемот е кај политиката.Минимум од 600 евра не е екстремно барање, туку минимум за нормален живот. Зголемувањето на платите не е празна реторика, туку социјална правда. Денес се солидаризирам со протестот на синдикатите, затоа што држава што не ги штити своите работници, не може да има социјална правда”, напиша Блерим Беџети, од ДУИ.

Македонија | пред 2 месеци

media-library7ot7iaa6avdcf4x3EPK

(Видео) Големо свлечиште во Сицилија: Евакуирани над 1.500 жители

Во јужна Сицилија, градот Нисеми се соочува со сериозна природна катастрофа откако силна бура предизвика свлечиште на ридот што се протега околу четири километри и продолжува да се шири. Поради опасноста, најмалку 1.500 жители беа евакуирани.Градоначалникот Масимилијано Конти предупреди дека ситуацијата е критична, бидејќи дел од наклонот целосно попуштил, оставајќи бројни куќи опасно надвиснати над карпата. Според медиумите, првите знаци на поместување на земјата беа забележани во неделата, а свлечиштето брзо се претвори во широк фронт што ја заканува најранливата населба и историското јадро на градот.„Ова е драматично свлечиште“, рече Конти во видео обраќање, апелирајќи до граѓаните надвор од оградените зони да останат во своите домови и да не преземаат непотребни ризици. Властите предупредија дека жителите ќе мора да најдат долгорочни алтернативи за живеење, бидејќи земјиштето натопено со вода е премногу нестабилно за повторно населување.Италијанската премиерка Џорџија Мелони денеска ја посети областа и разговараше со засегнатите граѓани, изразувајќи поддршка и обезбедувајќи итна помош.

Свет | пред 2 месеци

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања