(Видео) Новогодишен хорор во Кран-Монтана: Пожар во бар однесе околу 40 животи, над 100 повредени
Голема трагедија го потресе швајцарскиот скијачки центар Кран-Монтана на новогодишната ноќ, кога разорен пожар во популарен бар усмрти околу 40 лица, а приближно стотина беа повредени.Според потврдени информации, пожарот избувнал околу 1:30 часот по полноќ, а првичните сомнежи укажуваат дека бил предизвикан од пиротехнички средства. Очевидци наведуваат дека пиротехниката била поставена на шишиња со пијалоци, по што пламенот го зафатил таванот на објектот.Еден од сведоците, 19-годишниот Мелко, изјавил дека пожарот се проширил за само неколку секунди, создавајќи хаос и паника меѓу стотиците посетители. Поради тоа што главниот дел од барот се наоѓал во подрум, до кој се пристапува преку скали, евакуацијата била исклучително тешка, а во обидот за бегство дошло и до стампедо кон излезот.Домарот на соседната зграда и неговата сопруга сведочат за драматичните сцени по избувнувањето на пожарот. „Нè разбудија вресоци. Луѓето врескаа, имаше густ црн чад и ужасна миризба. Брзата помош и пожарникарите пристигнаа многу брзо. Станарите во паника ја напуштија зградата, стравувајќи дека пожарот ќе се прошири. Многумина побараа засолниште кај нас, им направивме кафе и останавме со нив до раните утрински часови“, изјавил тој.Надлежните служби спроведуваат официјална истрага за утврдување на точната причина за пожарот, додека швајцарската јавност е во шок од една од најтешките трагедии што ја погоди земјата во новогодишната ноќ.
Свет | пред 3 месеци