Иран е подготвен да стави крај на војната, но само под јасен услов – да добие гаранции дека конфликтот нема повторно да се разгори. Ова го изјави иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, испраќајќи порака дека Техеран не отстапува од клучните барања и покрај тековните преговори.
„Имаме потребна волја да го окончаме овој конфликт, но мора да се исполнат клучни услови, а тоа се пред сè гаранции дека агресијата нема да се повтори“, изјави Пезешкијан во телефонски разговор со Антонио Кошта, со што ја повтори позицијата на Техеран во момент кога ситуацијата на Блискиот Исток е оценета како крајно нестабилна.
По разговорот, Кошта предупреди дека состојбата е „исклучително опасна“ и повика на намалување на тензиите. Тој апелираше Иран да ги запре нападите во регионот и да се вклучи во дипломатски процес, особено преку Обединетите нации, со цел да се обезбеди слободна пловидба низ Ормутскиот теснец.
Во исто време, од Вашингтон доаѓаат поостри пораки. Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет оцени дека следните денови од војната ќе бидат пресудни.
„Следните денови ќе бидат одлучувачки. Иран е свесен за тоа и воено не може да направи речиси ништо по тоа прашање“, изјави Хегсет.
Тој потврди дека преговорите за прекин на конфликтот се во тек и, според него, добиваат на интензитет.
„Преговорите се реални, активни се и верувам дека добиваат на замав“, рече Хегсет, но избегна директен одговор на прашањето дали САД размислуваат за испраќање копнени сили во Иран.
„Не можете да се борите и да победите во војна ако на противникот му откриете што сте подготвени да направите, а што не, вклучително и испраќање копнени сили“, додаде тој.
Паралелно, од Белата куќа потврдуваат дека разговорите со Техеран напредуваат, но посочуваат дека постои разлика меѓу јавните изјави на иранските власти и пораките што ги испраќаат зад затворени врати.
„И покрај сите јавни настапи на режимот и неточните извештаи што ги слушате, разговорите продолжуваат и добро напредуваат. Тоа што го зборуваат јавно значително се разликува од она што ни го порачуваат приватно“, изјави портпаролката на Белата куќа Каролин Левит.
Во меѓувреме, Доналд Трамп упати критики кон сојузниците кои, според него, не покажале подготвеност да помогнат во отворањето на Ормутскиот теснец. Тој порача дека земјите кои се загрижени за растот на цените на горивата треба сами да се справат со ситуацијата.
„Ќе мора да научите сами да се борите за себе, САД повеќе нема да ви помагаат, како што ни вие не ни помогнавте нам. Иран е, во суштина, десеткуван. Потешкиот дел е завршен. Одете по својата нафта“, напиша Трамп.
Изјавите доаѓаат во момент кога цените на енергенсите растат на глобално ниво, а во САД цената на горивата повторно ја надмина границата од четири долари, што дополнително ја зголемува загриженоста од продолжување на конфликтот и неговите економски последици.