Цените на нафтата надминаа 101 долар поради тензии во Ормускиот теснец
Цените на нафтата денеска надминаа 101 долар, поттикнати од продолжената американска поморска блокада на Иран и иранското пресретнување на бродови во Ормускиот теснец, што доведе до очекувања дека испораките на енергенси од регионот на Персискиот Залив нема брзо да се вратат на светските пазари.На лондонскиот пазар, барел нафта попладнево се тргуваше по цена повисока за 2,87 долари во однос на вчерашното затворање, односно 101,35 долари. На американскиот пазар цената беше повисока за 3,46 долари и изнесуваше 93,13 долари.Пазарите денеска реагираа слабо на американското продолжување на примирјето со Иран. Претседателот Доналд Трамп не постави временско ограничување за прекин на конфликтот, но ја задржа поморската блокада на иранските пристаништа.Иран, поради американско-израелските напади, ја презел контролата врз теснецот и забранил транзит на бродови поврзани со САД, Израел и нивните сојузници.САД, пак, по неуспешниот прв круг преговори во Исламабад, воведоа поморска блокада на иранските пристаништа во Оманскиот Залив и Арапското Море, предупредувајќи дека Техеран со тоа го крши примирјето.Во текот на ноќта американската војска интервенирала на ирански контејнерски брод во Оманскиот Залив, додека Иран возвратил со заплена на два брода во Ормускиот теснец, кои биле задржани поради наводни прекршувања на поморските прописи.Американскиот министер за финансии Скот Бесент соопштил дека санкциите за руската и иранската нафта се суспендирани на уште 30 дена, на барање на земји кои се соочуваат со ризик од недостиг на нафта поради затворањето на Ормускиот теснец.Податоците на ОПЕК покажуваат дека цената на нафтената кошничка на земјите членки вчера паднала за 1,43 долари и изнесувала 96,31 долари по барел.
Свет | пред 11 час