Трошоците за живот во јуни се намалиле за 0,5 проценти во споредба со мај, додека цените на мало бележат пад од 0,8 проценти. Сепак, на годишно ниво инфлацијата останува во нагорен тренд, па трошоците за живот се повисоки за 3,4 проценти, а цените на мало за 3,6 проценти во однос на јуни минатата година.
Според податоците, најголемо месечно намалување е забележано кај транспортот, каде што цените се пониски за 1,6 проценти, како и кај храната и безалкохолните пијалаци, со пад од 1,1 процент. Токму овие две категории најмногу придонеле за намалувањето на инфлацијата во текот на јуни.
Од друга страна, зголемување на цените е регистрирано во повеќе категории. Најголем раст има кај рекреацијата, спортот и културата, каде што цените се повисоки за 1,4 проценти. Следуваат личната нега, социјалната заштита и разновидните стоки и услуги со раст од 0,5 проценти, додека покуќнината, опремата за домаќинствата, редовното одржување на домот, рестораните и услугите за сместување поскапеле за 0,3 проценти.
Благо зголемување е забележано и кај здравствената заштита, информациите и комуникациите, како и кај облеката и обувките.
Во меѓувреме, цените кај алкохолните пијалаци и тутунот, домувањето, водата, електричната енергија, гасот и другите горива, образованието, како и осигурувањето и финансиските услуги, останале непроменети во однос на претходниот месец.