Иран до Соединетите Американски Држави доставил седум услови за започнување какви било преговори, објави Мохсен Резаи, секретар на иранскиот Врховен совет за национална безбедност. Целосниот список на условите засега не е објавен.
„Техеран на Вашингтон му пренесе седум услови за започнување какви било преговори. Пораката на Техеран е јасна и недвосмислена: ако Вашингтон сака да излезе од мочуриштето што самиот го создаде и да избегне уште подлабоко навлегување во него, нема друг избор освен да ги прифати правата и условите на Иран“, напиша Резаи на платформата X.
Резаи неколку часа претходно во интервју за „Ал Џезира“ откри три барања што Иран ги поставува за завршување на војната: прекин на војната на сите фронтови, ослободување на замрзнатиот ирански имот и укинување на американската поморска блокада.
„Нашите услови се завршување на војната на сите фронтови, ослободување на нашиот замрзнат имот и завршување на поморската блокада“, изјави Резаи.
Тој не ги откри преостанатите четири услови.
Според неговите зборови, Катар како посредник веќе ги пренел иранските барања до Вашингтон, а Техеран сега го очекува одговорот од актуелниот американски претседател Доналд Трамп.
„Остануваме во контакт со посредникот Катар, кој ги пренесе нашите услови до Вашингтон со цел завршување на војната. Го очекуваме одговорот од претседателот Трамп“, изјави Резаи.
Иранскиот функционер истовремено предупреди дека Техеран е подготвен за продолжување на конфликтот доколку преговорите не успеат.
„Во интерес на Вашингтон е да ги прифати овие услови. Заканите на Трамп нема да постигнат никаков резултат. Подготвени сме за одлучувачка војна“, изјави Резаи за „Ал Џезира“.
Резаи изјави и дека Иран ја смета можноста за нов американски напад за реална и дека ги променил своите воени планови по претходните судири.
Според неговите тврдења, иранската армија сега посветува посебно внимание на американските поморски сили во Персискиот Залив, Оманскиот Залив и Арапското Море. Неговите тврдења за воените способности на Иран не се независно потврдени.
Катар и Пакистан во последните недели се обидуваат повторно да воспостават преговори меѓу Вашингтон и Техеран, откако минатиот месец истече претходниот меморандум меѓу двете страни.
Војната започна кон крајот на февруари со американски и израелски напади врз Иран, по што следуваа повеќемесечни меѓусебни ракетни напади и проширување на конфликтот кон поморските правци во регионот.
Дипломатските канали меѓу Вашингтон и Техеран сепак не биле целосно прекинати, а Катар е една од државите кои се обидуваат да посредуваат меѓу двете страни.
Резаи порача дека Иран паралелно продолжува со дипломатските контакти и со подготовките за можна нова рунда на конфликтот.