Независниот синдикат на професионални војници алармира дека како што велат јавен обвинител од Штип вршел притисок врз оштетен професионален војник да ја повлече тужбата против 14 старешини од Армијата.
На ден 20.01.2026 година Независен синдикат на професионални војници поднесе кривична пријава против 14 старешини од Армијата. Од Основното јавно обвинителство Штип е отворен предмет по таа кривична пријава и по таа пријава постапува јавен обвинител од Штипското јавно обвинителство.
Во постапување по кривичната пријава, од страна на јавниот обвинител кон оштетен припадник на Армијата - професионален војник (повикан како сведок) е вршен притисок за повлекување на тужбата која претходно оштетениот ја поднел пред надлежен суд, притисоци со искази од страна на јавниот обвинител за лична здравствена состојба на најблизок член на семејството на оштетениот со цел да се повлече од понатамошно гонење.
Ова е уште еден показател дека од страна на Армијата се врши притисок врз јавното обвинителство и обвинителите за отфрлање на пријавите кон овие воени лица.
Ова е втор случај за неколку месеци за директно вршење притисок врз јавни институции, пред неколку месеци униформирани припадници на Армијата вршеа директен притисок врз членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за отфрлање на сите претставки од синдикатот против МО и Армијата за дискриминација врз професионални војници, за сега да има повторно вршење на сличен притисок, но овојпат преку јавен обвинител со цел оштетеното лице да ја повлече тужбата пред надлежниот суд за да може јавниот обвинител да ја отфрли кривичната пријава против овие 14 старешини од Армијата на РСМ.
За да биде скандалот уште поголем, јавниот обвинител искажува детали за лични здравствени состојби на најблизок член од семејството на оштетениот , но тие информации ги знае само 11 -то пријавеното лице од кривичната пријава поднесена кон 14 -те припадници на Армијата.
Прашањето е : Како јавниот обвинител ја знае здравствената состојба на најблизок член на семејството на оштетениот и која е целта на барањата за повлекување на тужбата и прифаќање на незаконските постапки на овие 14 припадници на Армијата ?!
Ова е доказ дека Министерството за одбрана и Армијата директно влијаат на јавното обвинителство за да се отфрлат сите пријави поднесени против припадници на Армијата кои правеле и сеуште прават криминални дејствија во МО и Армијата, штета на буџетот на државата и штета на припадниците во Армијата.
Повторно по незнам кој пат како синдикат во Армијата , ја прашуваме претседателката на Република Македонија г-ѓа Гордана Силјановска Давкова која е и врховен командант на Армијата ДАЛИ ЗНАЕ што се случува во Армијата и што прават овие старешини - офицери и подофицери ?!
Исто така ,го прашуваме министерот за одбрана г-дин Владо Мисајловски , откако ќе направи пауза од ПР кампањата со рилови за затскривање на катастрофалната состојба во Армијата , да одговори ДАЛИ ЗНАЕ што се случува во министерството кое го води скоро две години и ДАЛИ ќе превземе нешто да го спречи самоволието и незаконското постапување на овие воени старешини ?!
Носењето на униформа на Армијата на Република Македонија и носење на чин на градите е гордост и чест за угледот на Армијата, но таа униформа и чин не ги прават тие да бидат над законот.
За овој скандал во ОЈО Штип ќе поднесеме претставка до Советот на јавни обвинители за утврдување на одговорност за нестручно, несовесно и непрофесионално вршење на должност јавен обвинител и вршење на притисок врз сведок - оштетено лице, вели Александар Насковски, претседател на Независен синдикат на професионални војници.