Снимките од погребот на Ратко Младиќ во Белград покажуваат сериозен неуспех во соочувањето со минатото и се спротивни на вредностите на кои се темели европската интеграција, оцени еврокомесарката за проширување Марта Кос на пленарна дебата во Европскиот парламент во Стразбур.
Кос особено загрижувачки го оцени присуството на српски министри, државни службеници и воени претставници, како и лидери од Република Српска, кои јавно му оддале почит на Младиќ, осуден за геноцид и злосторства против човештвото.
Таа ги повика српските власти да започнат вистински процес на помирување, нагласувајќи дека величањето на воените злосторници, негирањето на геноцидот и историскиот ревизионизам се неспоиви со европските вредности.
Во дебатата, хрватскиот европратеник Давор Иво Штиер порача дека во Европската Унија нема место за оние кои ја величаат политиката на Младиќ и Слободан Милошевиќ. Тој додаде дека не треба да има европски средства за оние кои не се дистанцираат од таквото минато.
Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, оцени дека начинот на кој бил организиран погребот претставува уште еден пример за неприфатливиот однос на официјален Белград кон злосторствата од блиското минато и покажува во која насока се движи Србија.
Бугарскиот европратеник Петар Волгин, од групата „Европа на суверените нации“, пак, го обвини Брисел за двојни стандарди. Тој посочи дека европските претставници реагираат на погребот на Младиќ во Белград, но, според него, немало реакции на слични настани во Киев.
Младиќ почина на 27 август во затворот во Хаг, каде што издржуваше доживотна казна. Тој беше погребан на 7 септември на гробиштата Топчидер во Белград, со воени почести и во присуство на илјадници негови поддржувачи. Опелото го одржа српскиот патријарх Порфириј.
Во јули 1995 година, во Сребреница беа убиени околу 8.000 Бошњаци од силите на босанските Срби. Меѓународниот трибунал во Хаг злосторството го квалификуваше како геноцид. Генералното собрание на ОН во 2024 година го прогласи 11 јули за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница и усвои резолуција со која се осудува величањето на лица осудени за воени злосторства.