Порака со непоткрепено тврдење дека во водата во Скопје е пронајдена бактеријата ешерихија коли се шири меѓу граѓаните, медиумите и на социјалните мрежи, создавајќи вознемиреност. Во пораката нема ниту лабораториски наод, ниту информација која институција наводно ја открила бактеријата, додека последниот дневен мониторинг на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје покажува спротивно – сите испитани примероци од градскиот водоснабдителен систем ги исполнуваат барањата за безбедност и квалитет на водата за пиење.
„Дечки, во водата во Скопје изолирана е E. coli. Да не пиете и да си ги известите сите. Оти немаат уште објавено, а веќе имало два случаи на клиника“, се наведува во пораката која во текот на денот почна масовно да се препраќа.
Но, зад ваквото тврдење засега нема наведено ниту еден проверлив податок. Не се посочува каде е земен примерокот од вода, кој го анализирал, кога е направена анализата, ниту е приложен резултат од лабораториско испитување. Не е наведено ниту за која клиника станува збор во делот во кој се тврди дека веќе имало два случаи.
Наспроти пораката што се шири, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје во дневниот извештај од мониторингот на водата објави дека на 11 август Секторот за санитарна контрола зел 42 примероци од водоводната мрежа на градот, од кои четири од бунарскиот потег Нерези – Лепенец.
Мониторингот, според претпријатието, се спроведува согласно Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, а примероците се испитуваат со физичко-хемиска и микробиолошка анализа во акредитирани лаборатории.
„Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци од водоснабдителниот систем на град Скопје одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење“, соопшти ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
Тоа значи дека официјалните резултати што во моментов се јавно достапни не го поткрепуваат тврдењето што се шири дека во скопскиот водоснабдителен систем е пронајдена ешерихија коли.
„Скопје1“, сепак, побара дополнителна проверка и од здравствените институции. До директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана, испративме прашања дали се примени пациенти со ешерихија коли и дали постојат случаи што се поврзуваат со водата за пиење.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави и прес-конференција на која се очекува да бидат соопштени дополнителни информации за состојбата со водата.
Во меѓувреме, непоткрепената порака продолжува да се препраќа меѓу граѓаните и да создава паника. Станува збор за чувствителна информација која директно се однесува на јавното здравје, а во моментов единствениот официјално објавен дневен мониторинг покажува дека испитаните примероци од скопскиот водоснабдителен систем се исправни.