Европската комесарка за проширување Марта Кос ја откажа планираната посета на Србија поради, како што наведе, јавното величење на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ по неговата смрт. Српскиот претседател Александар Вучиќ реагираше остро, оценувајќи го нејзиното образложение како „глупаво“.
Кос на социјалните мрежи напиша дека враќањето на телото на Младиќ во Белград ја потсетува Европа на „најтемните страници“ од поновата историја. Таа потсети дека Младиќ беше осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства.
Според неа, величењето што уследило по неговата смрт е спротивно на вредностите врз кои се темели европскиот пат на Србија.
„Тоа е некомпатибилно со вредностите врз кои е изграден патот кон ЕУ. Тој пат бара соочување со минатото, вистинско помирување и почитување на жртвите на воените злосторства“, напиша Кос.
Таа додаде дека европските вредности не се предмет на преговори и дека поради тоа одлучила во овој момент да не ја реализира планираната посета на Србија, која беше најавена за 9 септември.
Вучиќ, пак, пред новинарите го оцени образложението за одлуката како „исклучително кратко, но глупаво“. Тој праша кој конкретно го величал Младиќ и ги критикуваше реакциите поврзани со јавните собирања и испраќањето на неговото тело.
„‘Глорификацијата’ на генералот Ратко Младиќ едноставно не кажува кој нешто глорификувал“, изјави Вучиќ, додавајќи дека, според него, критиките се претерани.
Телото на Младиќ, кој почина во Хаг на 27 август на 85-годишна возраст, беше пренесено во Белград со авион на Владата на Србија. Во државниот авион се наоѓал и министерот за правда Ненад Вуиќ, заедно со синот и внуката на Младиќ.
Ковчегот на белградскиот аеродром „Никола Тесла“ го презеле припадници на српските вооружени сили, по што бил транспортиран до Военомедицинската академија за обдукција, врз основа на писмо од министерот за правда.
При пристигнувањето на телото, на надвозниците над автопатот по кој минувал автомобилот со ковчегот, се појавиле транспаренти со пораки во чест на Младиќ, а на социјалните мрежи биле објавени снимки на кои се гледаат луѓе со запалени факели како го испраќаат ковчегот.
Комеморацијата е најавена за сабота, 5 септември, во Домот на армијата во Белград. Во понеделник, 7 септември, телото треба да биде изложено во црквата „Свети Лука“, по што се очекува да следат кремација и погреб на гробиштата „Топчидер“.
Вучиќ претходно изјави дека безбедносните служби проценуваат дека на погребот би можеле да присуствуваат „десетици илјади граѓани“, при што државата ќе обезбеди услови за одржување на собирот.
На јавното величење на Младиќ реагираше и комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти. Тој изрази „длабоко згрозување“ поради, како што наведе, јавното славење на човек осуден за геноцид во Сребреница и злосторства против човештвото.
О’Флаерти оцени дека величењето на осуден воен злосторник претставува навреда за жртвите и ги повика властите да престанат со таквите постапки.
Во меѓувреме, дел од белградските медиуми отворено го величаат Младиќ. Весникот „Информер“ објави наслов „Генералот конечно во Србија“, додека „Српски телеграф“ на насловната страница порача „Србија го дочека својот генерал“, со фотографии од ковчегот покриен со српското знаме и транспарентите поставени по трасата на движењето.
Младиќ беше осуден на доживотен затвор за геноцидот во Сребреница, теророт врз цивилното население на Сараево и други најтешки воени злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина.