Министерството за надворешни работи и надворешна трговија категорично ги отфрли, како што наведува, инсинуациите и шпекулациите изнесени во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, во кое се поставуваат сомнежи за законитоста на постапката за евакуација на македонските државјани од Блискиот Исток.
Од Министерството посочуваат дека анализата целосно го игнорира контекстот во кој била спроведена евакуацијата, нагласувајќи дека станувало збор за вонредна состојба предизвикана од воени дејствија и директна закана по безбедноста на македонските граѓани затекнати во кризното подрачје.
Според МНР, постапката била реализирана врз основа на заклучоци на Владата и во согласност со законските прописи, со единствена цел – навремена и безбедна евакуација на државјаните. Оттаму тврдат дека првично биле испратени покани до девет економски оператори, но ниту една од компаниите не доставила понуда. Дури потоа, по информации добиени од Амбасадата во Абу Даби дека авиокомпанијата „Флај Дубаи“ може да обезбеди летови, била започната постапка со единствениот оператор што можел да ја реализира услугата.
Министерството ги отфрла и тврдењата дека изборот на авиопревозникот бил произволен, наведувајќи дека тој бил направен врз основа на информации од дипломатско-конзуларната мрежа и по исцрпување на сите други реални можности.
Во реакцијата се истакнува дека во услови на воен конфликт, затворен воздушен простор и безбедносни ограничувања, голем број меѓународни авиокомпании ги прекинале летовите кон регионот, а меѓу ретките достапни опции останале националните превозници од Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија.
МНР оценува дека се неосновани и обвинувањата поврзани со авансното плаќање на услугите, посочувајќи дека тоа било услов наметнат од локалните превозници и специфичните пазарни услови во време на воена криза.
„Особено неодговорно е што без докази се пласираат сомнежи за корупција или местење на постапката. Таквите конструкции не се поткрепени со ниту еден факт, документ или доказ“, наведуваат од Министерството.
Оттаму додаваат дека остануваат целосно отворени за проверка на сите аспекти од постапката, но апелираат јавната дебата за прашања што се однесуваат на човечки животи и безбедност да се темели на факти, а не на претпоставки.
„Факт е дека македонските граѓани беа безбедно евакуирани од кризното подрачје. Факт е дека постапката беше спроведена во исклучително сложени и непредвидливи околности. И факт е дека Министерството постапуваше исклучиво и целосно во согласност со законите и во интерес на безбедноста на своите граѓани“, се наведува во реакцијата на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.