Објавувањето на дипломатска нота со информации за патувањето на членови од семејството на премиерот Христијан Мицкоски предизвика реакција од македонската дипломатија. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија вчера го повикало на разговор амбасадорот на Бугарија во земјава, барајќи објаснување за случајот, информираше денеска на прес-конференција министерот Тимчо Муцунски.
Како што посочи Муцунски, до овој момент ниту бугарскиот амбасадор, ниту Министерството за надворешни работи на Бугарија не дале објаснување за, како што оцени, дипломатскиот пропуст.
Одговарајќи на новинарски прашања, Муцунски ваквиот потег го нарече апсолутно неприфатлив начин на комуникација меѓу две држави и побара извинување и брз одговор од бугарските институции.
„Кога се во прашање движењата на членови на семејствата на високи државни функционери, безбедноста е прв приоритет. И на територијата на нашата држава постојано се движат семејства на високи странски претставници, но никогаш не се случило таков документ да излезе во јавност. Доколку тоа се случи, првиот чекор што би го направил е да се извинам на таа држава“ изјави Муцунски.
Тој оцени дека особено загрижувачко е што во јавноста се појавиле лични податоци поврзани со сопругата и малолетното дете на претседателот на Владата.
„Побаравме информации и разговаравме со нашите стратешки партнери бидејќи сме навистина загрижени за несериозноста која доведе до ваква ситуација“, рече министерот.
Муцунски потсети и на неодамнешниот инцидент пред бугарската амбасада во Скопје, кога беа опожарени две дипломатски возила, нагласувајќи дека македонските институции реагирале веднаш.
Ние јавно го осудивме настанот, институциите постапија во најкус можен рок, а јас и заменик-министерот веднаш комунициравме со претставниците на соседна Бугарија. Очекувавме сличен проактивен пристап и од нивна страна, но бидејќи тоа не се случи, го повикавме бугарскиот амбасадор и го изразивме нашето незадоволство – истакна шефот на дипломатијата.
Тој додаде дека од Софија се очекува не само објаснување, туку и темелна истрага за тоа како дипломатскиот документ завршил во јавноста.
„Има држави кои војуваат меѓусебно, па ваков тип документи не излегуваат во јавност. Согласно меѓународното право, вакво нешто е неприфатливо во односите меѓу две држави“, нагласи Муцунски.
Министерот не посочи директно од каде протекол документот, но истакна дека доколку ваква информација излезе од едно министерство за надворешни работи, тој лично би се извинил.
Според Муцунски, постои сериозна мрежа на онлајн страници, социјални мрежи и портали кои сè почесто, покрај политичарите, ги таргетираат и нивните семејства.
„Ние сме навикнати да се пишува за нас, но барем нека ги остават нашите семејства“, порача министерот.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека со објавувањето на дипломатската нота, во која биле содржани детали за престојот на неговата сопруга и помалиот син во Пампорово на почетокот на годинава, била загрозена нивната безбедност.
Според документот, кој минатата недела беше објавен на социјалните мрежи, биле наведени датумот на патувањето, приближното време на преминување на границата, како и информации за обезбедувањето, возилата, комуникациските уреди и вооружувањето.
Мицкоски изјави дека за случајот веќе ги информирал и партнерите на Македонија во НАТО, оценувајќи дека станува збор за сериозен безбедносен пропуст.