Денеска во Кривичниот суд Скопје продолжи судењето на апелациониот судија Ѓоко Ристов со сослушување на сведоци.
Сопственик на мобилара и адвокат кој присуствувал на претресот во семејната куќа во Неготино денеска сведочеа во Кривичниот суд во Скопје на продолжението на судскиот процес против апелациониот судија Ѓоко Ристов.
Сведокот на Обвинителството, Лазе Бонев, специјалист за сајбер-безбедност во МВР и сопственик на мобилара за продажба и сервис на мобилни телефони, негираше дека Ристов на 3 декември 2025 година дошол кај него за да поправи телефон.
На прашањето на обвинителката Искра Хаџи-Василева дали Ристов тој ден донел мобилен телефон на поправка, Бонев одговорил дека не примил телефон од него и дека на истражителите им ја предал целосната евиденција за примените телефони од својот систем.
Тој објасни дека при прием на телефон за сервис се запишуваат податоците за уредот, телефонскиот број и името на лицето кое го донело.
Бонев посочи дека Обвинителството претходно побарало да провери дали конкретен телефон „Самсунг“ бил донесен во мобиларата, но во евиденцијата не пронашол таков уред.
На прашањето на Ристов дали на 3 декември по 19 часот дошол со црн „Самсунг“ со скршен екран и побарал да се извлечат податоци од него, Бонев одговорил дека не се сеќава на таков настан.
По сведочењето на Бонев, обвинителката побарала судот да изврши увид во списите на предметите за Маријан Стоевски и Фехми Стафа, во кои судија бил Ѓоко Ристов. Со тоа завршило изведувањето на доказите на Обвинителството и започнало изведувањето докази на одбраната.
Како сведок на одбраната бил сослушан адвокатот Александар Варела, кој присуствувал на претресот во куќата на Здравко и Донка Ристови во Неготино. Тој детално раскажал за претресот, кој според неговото сведочење се одвивал во два дена во јануари.
Варела навел дека полицајците при повторниот претрес особено се задржале во кујната, каде што ги проверувале плочките бидејќи некои од нив давале тап звук.
Според неговото сведочење, полицајците отстраниле повеќе плочки и дошле до дел во кој се појавила дупка. Кога го прашале Здравко Ристов што има таму, тој, според сведокот, одговорил: „Нема потреба, пари се“.
Варела навел дека полицајците потоа извадиле пари во 13 пакувања, по што било повикано лице од крим-техника за да го фотографира пронајденото.
По наоѓањето на парите, според сведокот, тој го прашал Здравко зошто не му кажал за нив. Здравко, како што пренесе Варела, рекол: „Не мислев дека ќе одат толку далеку, не сакав децата да знаат дека имам пари“.
Според сведокот, Здравко потоа кажал дека парите се негови и, на прашањето за нивната вредност, посочил дека станува збор за повеќе од 300.000, односно околу 350.000 евра.
Варела потврдил и дека во помошните простории имало цемент, песок и други материјали. Според него, Здравко првично негирал дека вршел реновирање, но потоа кажал дека плочките под скалите биле свежо залепени.
По рочиштето, јавната обвинителка Искра Хаџи-Василева оцени дека сведокот на одбраната дал некредибилни изјави во клучни делови. Таа рече дека дел од неговото сведочење се совпаѓа со динамиката на претресот, но дека други негови тврдења не се совпаѓаат со материјалните докази и видеоматеријалот прикажан на претходните рочишта.
Во однос на сведокот од Обвинителството, Хаџи-Василева кажа дека бил повикан за да се потврди дали Ристов навистина го однел телефонот на поправка, како што претходно тврдел. Според неа, сведочењето покажало дека телефонот не бил однесен во мобиларата.
Одбраната, пак, смета дека Обвинителството не понудило докази со кои недвосмислено би се потврдиле наводите во предметот. Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ посочи дека во записникот за одземените пари стои потписот на Здравко Ристов, како и негова забелешка дека парите се негови.
Давидовиќ се повика и на вештачењето на Обвинителството, според кое родителите на Ѓоко Ристов заработиле 975.000 евра, додека тој и неговата сопруга 600.000 евра. Тој праша дали, имајќи ги предвид тие приходи, било можно родителите да поседуваат пари што биле пронајдени во ѕидот.
Адвокатот истакна и дека Обвинителството, според него, не обезбедило докази за коруптивно дело и не реагирало навреме во обезбедувањето видеоснимки и други докази.
Судењето го води судијката Билјана Коцевска, а обвинението го застапува јавната обвинителка Искра Хаџи-Василева. Процесот продолжува на 6 октомври со сослушување на сведоци на одбраната, меѓу кои и Фехми Стафа.
Според обвинението, Ѓоко Ристов се гони за противправно стекнување и прикривање имот и за перење пари, бидејќи, според Обвинителството, не докажал дека парите биле легално стекнати.
Јавното обвинителство претходно соопшти дека при претресот во домот на родителите на Ристов во Неготино биле пронајдени 350.000 евра, спакувани во 13 пакувања – 610 банкноти од по 500 евра и 225 банкноти од по 200 евра. Парите биле скриени во заѕидан простор во шуплините од тули во ѕидот на една од собите.