„Ако не, нека ми се тргнат од патот, зошто ќе ги згазам како шлепер жаба“, порача лидерот на СДСМ, Венко Филипче, коментирајќи ја Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ и поранешните и актуелни функционери на СДСМ кои се дел од иницијативата.
Филипче со исклучително остар речник се пресмета со своите сопартијци кои јавно го критикуваат актуелното раководство на СДСМ и бараат промени во партијата. Тој поединечно ги спомена Игор Ивановски, Андреј Петров и Славјанка Петровска, а на крајот им порача или да се вклучат во партиската работа или да му се „тргнат од патот“.
„Ако сакаат да се вклучат, еве имаме избори во Брвеница, ќе ги ставиме во распоредот. Ако не, нека ми се тргнат од патот, зошто ќе ги згазам како шлепер жаба“, рече Филипче.
Острата порака следуваше додека Филипче го коментираше ставот на Платформата „12:05“ за европската интеграција, откако Игор Ивановски порача дека членството во Европската Унија не треба да биде „по секоја цена“ и дека уставните измени сами по себе не претставуваат гаранција.
Филипче возврати дека дел од луѓето кои денес изнесуваат поинакви ставови претходно биле дел од раководството на СДСМ и, според него, тогаш не ги кажувале истите забелешки
„Дадов коментар. Игор Ивановски и таа група, кои беа дел од раководството на партијата, сега покажуваат други ставови. Луѓето кои очигледно молчеле кога Бујар Османи го образложувал францускиот предлог“, рече Филипче.
Тој потоа директно го прозва Андреј Петров.
„Андреј Петров бил претседател, бил член на Извршниот одбор на партијата. Што не кажал ништо тогаш за Европа? Зошто не кажал?“, праша Филипче.
На мета на неговите критики се најде и Игор Ивановски, за кого Филипче изнесе низа обвинувања за неговото претходно политичко и професионално дејствување.
„Игор Ивановски, кој беше член на којзнае колку управни одбори, десетина илјади евра имаше месечен приход и телефон на никој не дигаше. Сега ќе кажува што требало да се прави со партијата“, рече Филипче.
Тој ја спомена и поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска, поврзувајќи ја нејзината позиција во Платформата со претходни тврдења на актуелниот министер за одбрана Владо Мисајловски за набавката на хеликоптери.
„Славјанка Петровска, правничката, се прашувам што е причина за ова. Да не е изјавата на Мисајловски дека потпишала за 37 милиони евра поскап договор за хеликоптери отколку што Комисијата донела друга одлука? Да не излезе дека Дејвид Гете може вода да ѝ носи?“, рече Филипче.
Станува збор за тврдења и политички квалификации изнесени од Филипче, а не за факти утврдени во постапка.
Лидерот на СДСМ потоа ги обвини поранешните партиски функционери дека токму тие придонеле партијата да дојде во тешката состојба од која, како што тврди, актуелното раководство сега ја консолидира.
„И сега тие луѓе ќе кажуваат што требало? Што не кажаа тогаш? Па, ја погребаа партијата за малку. Ќе ја погребеа партијата. На издишување беше, па ние сите изминативе две години тешко работиме, консолидираме, и они сега ќе кажуваат како треба“, рече Филипче.
Тој го отфрли и најавениот план што претставниците на Платформата сакаат да му го понудат за промени во СДСМ.
„Ќе ми носеле план? Каков план ќе носеле? Таков како што го правеа они, ич не треба да го носат. Еве, видете што направија“, рече Филипче.
Платформата „Разговори за иднината во 12:05“, во која учествуваат повеќе поранешни функционери на СДСМ и актуелната пратеничка Славјанка Петровска, во изминатиот период јавно побара промени во партијата и повлекување на Филипче од лидерската функција. Претставниците на иницијативата тврдат дека актуелното раководство не успева да го консолидира СДСМ, додека Филипче остро ги отфрла нивните критики.