Серија пријави и аудио снимки од бројот 112, во кои соседи и самата Ивана Стојаноска барале помош поради насилството врз неа додека присутна била Катја, беа презентирани како клучни докази на денешното рочиште во случајот против Стојанче Јовановски. Обвинителката Адела Бојчевиќ посочи дека дел од доказите содржат вознемирувачка содржина.
Во постапката се презентираат и аудио повици од 2024, до 2026 година, во кои соседи пријавуваат бучава, вресоци и плач на дете од станот каде живееле Стојанче, Ивана и Катја, како и случаи кога Ивана барала помош на бројот 112, наведувајќи дека сопругот ја малтретира или дека не ѝ дозволува да влезе во станот кој прво бил заедничка сопственост, а потоа само на сега обвинетиот Стојанче Јовановски.
Во еден од повиците, таа бара интервенција откако била заклучена надвор од домот, додека од другиот доказ се слуша пријава дека сопругот „чува дрога во станот“. Од аудио материјалот се слуша како таа му вели, најверојатно ан Стојанче: „Ќе отвориш или да те пријавам?“, па тука го завршува повикот.
Крајот на јуни минатата година Ивана го пријавила Стојанче дека ја тепа во Чаир, но дека не ја знае точната локација каде се наоѓаат, а од полицијата и велат да се јави на 112 за да ја лоцираат.
Презентирани се и пријави во системот на МВР, вклучително и пријава поднесена од Цветанка Јовановска, мајка на обвинетиот, како и записници од увидот. Ова било на 20 декември минатата година. Кога операторот прашува „што има таму“, Цветанка одговара: „обид за убиство“. Таа пријавува дека и детето е тепано и удирано и дека емногу вознемирено, а од позадина се слуша гласен плач.
Пријава имало и од мајката на Ивана во август минатата година, дека Ивана била тепана од Стојанче во станот, посочувајќи дека се разведуваат, а таму била за да земе алишта.
Пријава на 113 имало и од маркет во Ѓорче дека „таткото ја тепа мајката пред детето“. Пријавителката рекла дека не ги познава и му вели на операторот „ве молам дојдете“.
Јовановски се товари за телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство, поврзано со трагедијата од март годинава, кога Ивана Јовановска скокна од шести кат во Тафталиџе, при што животот го загуби и нивното шестгодишно дете.