Ново Лисиче ќе добие нов парк на површина од 71.000 квадратни метри, на просторот во непосредна близина на Фудбалската федерација на Македонија и последната постојка на автобусот „5“, најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Заедно со градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, Ѓорѓиевски го означи почетокот на изградбата на паркот, кој, како што посочи, ќе го замени просторот што со години бил запуштен и користен како дива депонија.
На површина од 71.000 квадратни метри ќе биде создадена голема зелена целина со околу 1.000 нови дрвја, од кои повеќе од 800 листопадни, а останатите зимзелени.
Во паркот се предвидени пристапни патеки, детски игралишта и простори за одмор и дружење, со цел просторот да биде наменет за сите генерации.
Ѓорѓиевски посочи дека со овој парк, заедно со парковите што веќе се изградени и оние на кои се работи, вкупната површина на парковско зеленило достигнува околу 200.000 квадратни метри.
„За мене, грижата за градот започнува со грижата за луѓето. Со тоа секое семејство да има каде да прошета, секое дете да има простор да создава убави спомени и секоја населба да добие зеленило какво што заслужува“, порача Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека продолжува уредувањето на Скопје во сите општини, со цел создавање повеќе зелени површини и подобри услови за живот.
„Градиме денес, за генерациите што доаѓаат. За позелено Скопје, за поубав живот“, порача градоначалникот.