Со црвени факели, силни емоции и порака дека споменот не згаснува, вечерва заврши традиционалниот меморијален турнир во маалото Кенеф во Ново Лисиче, посветен на Никола Христовски – Кољо.
Повеќе од стотина млади луѓе, негови пријатели, блиски и луѓе од маалото се собраа на игралиштето што го носи неговото име за уште еднаш преку спорт, дружење и заеднички спомени да му оддадат почит.
Турнирот, кој веќе прерасна во традиција, не е само спортски настан. За неговото друштво и најблиските тоа е начин Кољо и понатаму да биде присутен таму каде што оставил најголема трага – меѓу своите луѓе, во своето маало.
Вечерта заврши со впечатлив момент. Црвените факели го осветлија игралиштето, а пораката „Те чуваме од заборав“ повторно ги обедини сите што дојдоа да го почитуваат неговиот спомен.
Никола Христовски – Кољо прерано го напушти овој свет, но неговите пријатели и најблиски со години не дозволуваат споменот на него да избледи.
Преку турнирот, преку полното игралиште и преку секоја нова генерација што доаѓа да биде дел од ова дружење, Кољо продолжува да живее во спомените на оние што го познавале и сакале.