Иран ја обвини Европската Унија за „лицемерие и двојни стандарди“
Иран ја обвини Европската Унија за „најголемо лицемерие и двојни стандарди“, откако шефицата на европската дипломатија Каја Калас ги осуди нападите на Хезболах врз Израел.Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, во објава на социјалната мрежа Икс наведе дека ЕУ покажала рамнодушност додека, како што тврди, Израел изведувал напади во Газа, Либан и други држави во регионот.„Европската Унија покажа рамнодушност додека Израел спроведуваше геноцид во Газа и изведуваше напади во Либан и други земји“, напиша Багаеи.Тој додаде дека реакцијата на Брисел доаѓа дури сега, кога Либан, според неговите зборови, „се спротивставува“.„А сега, кога Либан се спротивставува, одеднаш се сеќавате на меѓународното право“, порача иранскиот дипломат.Багаеи истакна и дека Европската Унија не може да тврди дека зборува во име на европските граѓани, за кои, според него, многумина јавно ги осудуваат израелските напади.Неговите изјави следуваат по коментарите на високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика Каја Калас, која оцени дека одлуката на Хезболах да нападне Израел претставува закана за целиот регион.Калас исто така изјави дека Израел има право на самоодбрана според меѓународното право, но предупреди дека „претераниот одговор“ на израелските сили предизвикува масовно раселување на населението и дополнително ја дестабилизира веќе кревката ситуација во регионот.
Свет | пред 1 час