ГРЕНЛАНД

media-libraryn0at4km4a84jamHzvVd

Зеленски загрижен дека драмата околу Гренланд ќе го одвлече вниманието на светот од Украина

Украина и Европа треба да создадат заеднички воени одбранбени сили со капацитет до три милиони војници, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во разговор со новинари одржан преку апликацијата „ВатсАп“. Тој нагласи дека идејата за заедничка армија ја покренал уште минатата година, имајќи ја предвид безбедносната закана од Русија, која, според неговите зборови, планира до 2030 година да располага со околу 2,5 милиони војници.Во истиот разговор Зеленски откри дека Украина добила покана да се приклучи на таканаречениот одбор за мир, иницијатива на американскиот претседател Доналд Трамп, која се смета за обид за создавање алтернатива на Обединетите нации. Во ова тело веќе е поканет и рускиот претседател Владимир Путин, што, како што рече Зеленски, за него е тешко замисливо сценарио. Сепак, додаде дека украинските дипломати во моментов ја разгледуваат поканата.Украинскиот претседател изрази и загриженост дека меѓународното внимание кон напорите за мир во Украина би можело да биде засенето од други глобални теми, меѓу кои и прашањето за Гренланд, автономна територија на Данска за која Трамп покажува интерес. Зеленски оцени дека секое намалување на вниманието во услови на војна од големи размери е проблематично, нагласувајќи дека конфликтот во Украина и другите меѓународни спорови не треба да се третираат како заменливи прашања.

Свет | пред 1 седмица

media-library11b3gk4h51qq1Vws45J

Гренланд остро кон Трамп: „Ова е непочитување“

Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, изјави дека не може целосно да се исклучи можноста за употреба на воени сили на арктичката територија, иако оцени дека таквото сценарио е малку веројатно. Изјавата доаѓа во услови на зголемени тензии околу статусот и безбедноста на Гренланд, пренесува Ројтерс.Нилсен истакна дека Гренланд тежнее кон поблиска и посистематска соработка со Европската унија, нагласувајќи дека стабилноста и безбедноста во Арктикот бараат заеднички пристап и почитување на меѓународните принципи.Осврнувајќи се на фотомонтажата објавена од американскиот претседател Доналд Трамп на социјалната мрежа Truth Social, на која се прикажани Трамп, потпретседателот на САД Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио како забодуваат американско знаме на тлото на Гренланд, Нилсен изјави дека станува збор за чин на непочитување.Во меѓувреме, данската премиерка Мете Фредериксен порача дека Данска не може и нема да преговара за сопствениот суверенитет, идентитет и демократија. Таа предупреди дека прашањето за Гренланд е дел од поширокиот светски поредок и дека ситуацијата може дополнително да се влоши.Фредериксен нагласи дека Данска ги смета САД за свој најблизок сојузник, додавајќи дека Копенхаген никогаш не барал конфликт, туку соработка. Поради зголемените тензии со Вашингтон околу најавите за можно американско преземање контрола над Гренланд, таа не присуствуваше на Светскиот економски форум во Давос.

Свет | пред 1 седмица

a988a7fd-4c8e-42e2-b661-094ba2cc736b

Зеленски ги отфрли шпекулациите: Украина нема да испраќа војници на Гренланд

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на онлајн-конференција одговори на прашања поврзани со можната улога на украинските вооружени сили на Гренланд, во контекст на сè поизразените американски притисоци врз Европа околу арктичкиот остров.Новинар го праша Зеленски дали Украина би испратила војници на обука на Гренланд доколку тоа го побара Данска, вклучително пилоти или оператори на дронови, како и дали Киев добил дозвола од Европската Унија да купува американско оружје со европски средства, имајќи ги предвид актуелните тензии околу Гренланд.Зеленски изјави дека вториот дел од прашањето не го разбрал целосно, но потврди дека програмата ПУРЛ функционира и дека Украина со средства од Европската Унија набавува оружје од Соединетите Американски Држави, пред сè системи за противвоздушна одбрана.Во однос на евентуално испраќање украински војници, тој нагласи дека Украина води одбранбена војна против руската инвазија и дека сите расположливи сили се ангажирани на фронтот.„Во вакви услови, тоа прашање е излишно. Сите наши сили се насочени кон одбраната на земјата“, рече Зеленски, додавајќи дека такво распоредување не се разгледува, особено затоа што Украина не е членка на НАТО и членството не е на повидок.Изјавата доаѓа во време кога тензиите околу Гренланд се зголемени, откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно го истакна интересот на САД за контрола врз островот, повикувајќи се на безбедносни причини и потенцијални закани од Русија и Кина. Локалните власти тоа остро го отфрлија, нагласувајќи дека Гренланд не е на продажба и дека за неговата иднина одлучуваат народот на Гренланд и Данска.Зеленски, исто така, повтори дека Украина и Европа треба да размислат за формирање заеднички одбранбени сили, предупредувајќи на најавите дека Русија планира значително зголемување на својата армија до 2030 година. Тој додаде дека нема застој во комуникацијата меѓу Киев и Вашингтон.

Свет | пред 1 седмица

lavrov-putin

Русија застана зад Трамп: Гренланд не е природен дел од Данска

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се огласи за американско-европскиот спор околу иднината на Гренланд, доведувајќи го во прашање неговиот сегашен статус како дел од Кралството Данска.На годишната конференција за медиуми во Москва, Лавров изјави дека Гренланд „не е природен дел“ од Данска, додавајќи дека прашањето за поранешните колонијални територии станува сè поизразено во современите геополитички односи.Тој нагласи дека Русија нема никакви планови да преземе контрола врз островот и дека Вашингтон е свесен оти Москва нема интерес да се меша во прашањата поврзани со Гренланд, спротивно на тврдењата што претходно ги изнесе американскиот претседател Доналд Трамп.Лавров додаде дека Русија внимателно ја следи „сериозната геополитичка состојба“ околу Гренланд, оценувајќи дека прашањето треба да се разгледува и решава во рамки на НАТО, како дел од внатрешните одлуки на сојузот.

Свет | пред 1 седмица

media-libraryuh3kggafh3aj9PQiTmj

Данска и Гренланд разговараат за можно распоредување на НАТО на Арктикот

Данска и Гренланд разговарале за можноста за распоредување на НАТО на Гренланд и поширокиот арктички регион, изјави денеска данскиот министер за одбрана Тролс Лунд Поулсен по средбата со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Моцфелд, во Брисел.Поулсен нагласи дека иницијативата била предложена од данска страна и дека генералниот секретар на НАТО ја примил на знаење. Според него, постои надеж дека во наредниот период ќе може да се воспостави јасна рамка за тоа како ваква мисија би можела да се реализира на терен.Тој додаде дека разговорите се целосно усогласени со ставовите и позициите на владата на Гренланд, истакнувајќи дека сите чекори се координираат со локалните власти.Разговорите се одвиваат во чувствителен момент, кога американскиот претседател Доналд Трамп ги интензивира напорите поврзани со прашањето за суверенитетот над Гренланд, кој припаѓа на Данска. Таквите потези предизвикаа реакции и во Европската унија, каде што, според медиумските извештаи, се разгледува можноста за воведување сопствени мерки како одговор на зголемените притисоци.

Свет | пред 1 седмица

media-librarybn98mqsl2pda3bfjsIo

Норвешкиот премиер: Му објаснив на Трамп дека Нобеловата награда не ја доделува нашата влада

Американскиот претседател Доналд Трамп го поврза својот заострен став кон Гренланд со минатогодишната одлука да не му биде доделена Нобеловата награда за мир. Во порака испратена до норвешкиот премиер Јонас Гар Стере, Трамп напишал дека повеќе не чувствува обврска да размислува „исклучиво за мир“, алудирајќи на одлуката на Нобеловиот комитет.Оваа порака дополнително ги заостри односите меѓу Вашингтон и неговите најблиски европски сојузници, во контекст на заканите на Трамп за преземање на Гренланд, самоуправна територија во рамки на Кралството Данска. Во саботата, Трамп најави воведување царина од 10 проценти на увозот на стоки од осум земји кои застанале на страната на Данска и Гренланд, мерка што треба да стапи во сила во февруари.Земјите на кои се однесува мерката упатија остри реакции, додека британскиот премиер Кир Стармер се обиде да ја смири ситуацијата. Иако Белата куќа не ја исклучи можноста за употреба на сила за преземање на стратешки важниот арктички регион, Стармер изјави дека не верува оти ќе дојде до воена акција и нагласи дека проблемот треба да се реши преку мирен дијалог.Сепак, пораката на Трамп до норвешкиот премиер може дополнително да ги наруши веќе оптоварените односи меѓу САД и Европа, кои со месеци се соочуваат со несогласувања околу војната во Украина, трговските царини, воените трошоци и миграциската политика.Во изминатите денови, тензиите дополнително пораснаа. За време на викендот, илјадници жители на Гренланд излегоа на протести против какви било обиди за преземање на островот. Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, порача дека заканите со царини нема да го променат нивниот став и истакна дека нема да подлегнат на притисоци.Во исто време, министерката за економија, минерали, енергија, правда и еднаквост на Гренланд, Нааја Натаниелсен, за Асошиејтед прес изјави дека брзата реакција на сојузниците ја охрабрува и дека покажува оти станува збор за прашање „поголемо од самиот Гренланд“.Во пораката што Трамп ја испратил до Стере, а која ја објави норвешката влада, меѓу другото стои дека, поради тоа што не му била доделена Нобеловата награда за мир за, како што тврди, запирање на повеќе војни, повеќе не чувствува обврска да се води само од идејата за мир, туку да размислува за тоа што е добро и исправно за Соединетите Американски Држави. Пораката завршува со тврдење дека светот нема да биде безбеден доколку САД немаат целосна контрола врз Гренланд.Норвешкиот премиер потврди дека пораката била одговор на претходна порака што тој и финскиот претседател Александер Стуб ја испратиле до Трамп, во која се спротивставиле на најавените царини и повикале на смирување на тензиите. Стере нагласи дека ставот на Норвешка е јасен, дека Гренланд е дел од Кралството Данска и дека неговата земја целосно ја поддржува Данска. Тој појасни и дека Нобеловата награда за мир ја доделува независен комитет, а не норвешката влада.Стере изјави дека не одговорил на пораката на Трамп, но дека и понатаму смета оти е мудро да се разговара и изрази надеж дека ќе има можност за разговор со американскиот претседател оваа недела во Давос.Американскиот министер за финансии Скот Бесент, пак, го бранеше пристапот на Трамп кон Гренланд за време на Светскиот економски форум во Давос. Тој оцени дека е бесмислено да се тврди оти ставот на претседателот е поврзан со Нобеловата награда и нагласи дека Трамп го гледа Гренланд како стратешки ресурс за САД, додавајќи дека безбедноста на американската хемисфера нема да му биде препуштена на никој друг.Трамп и претходно јавно ја изразуваше желбата да ја добие Нобеловата награда за мир, која минатата година му беше доделена на венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо. Минатата недела, таа му ја врачи својата Нобелова медала на Трамп, кој изјави дека планира да ја задржи, иако Нобеловиот комитет соопшти дека наградата не може да се поништи, пренесе или сподели со друго лице.

Свет | пред 1 седмица

media-librarytd27760ljl7e1xesfMb

Данска одлучи: „Испраќаме значителен број војници на Гренланд“

Поголем број дански борбени војници, опишани како „значаен придонес“, вечерва треба да пристигнат во Кангeрлусак на Гренланд. Информацијата ја потврдија данските вооружени сили за националната телевизија ТВ 2.Според известувањето, со новата група војници на Гренланд ќе допатува и командантот на данската копнена војска, Петер Бојсен. Пристигнатите сили ќе учествуваат во натамошното зајакнување на данскиот воен контингент, кој веќе е распоредуван на островот.Претходно, командантот на Арктичката команда, Сорен Андерсен, изјави дека во главниот град Нук веќе пристигнале околу 100 дански војници, додека сличен број бил распореден и во Кангeрлусак. Токму таму треба да започне воената вежба „Арктичка издржливост“, која е забрзана и проширена по неодамнешните изјави на американскиот претседател Доналд Трамп.Трамп во повеќе наврати јавно изрази желба Гренланд да стане дел од Соединетите Американски Држави, што предизвика загриженост и дополнително засилување на безбедносните активности на Данска во арктичкиот регион.

Свет | пред 1 седмица

media-library4nigvcra2gqibbsrM3R

Трамп воведува царини за 8 европски земји: „Ќе плаќаат додека не го преземам Гренланд“

Американскиот претседател Доналд Трамп најави зголемување на царините за европските сојузници додека САД не добијат дозвола за купување на Гренланд. Во објава на својата социјална мрежа Truth Social, Трамп соопшти дека од 1 февруари царините од 10% ќе стапат на сила за Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска. Од 1 јуни, тие ќе се зголемат на 25% и ќе останат на сила додека не се постигне договор за американското купување на островот.Трамп ги обвини неколку европски земји дека играат „многу опасна игра“ на Гренланд и истакна дека „во прашање е светскиот мир“. Тој посочи дека овие држави патувале на Гренланд со непозната цел, преземајќи неприфатлив ризик за безбедноста на регионот и глобалната стабилност.Претседателот истакна дека САД, под негово водство, се единствената земја која може успешно да „игра“ на ова поле и да го заштити овој „свет“ дел на Земјата, особено поради националната безбедност на Соединетите држави и безбедноста на светот во целина.Според Трамп, мерката за воведување царини е неопходна за заштита на глобалниот мир и безбедност, а од 1 февруари 2026 година сите наведени земји ќе плаќаат царина од 10% на сите производи испратени во САД. Од 1 јуни 2026 година царината ќе се зголеми на 25%, а ќе остане на сила додека не се постигне конечна продажба на Гренланд.Трамп истакнува дека САД се обидуваат да ја реализираат оваа трансакција веќе повеќе од 150 години, но досега Данска секогаш ја одбивала продажбата. Сега, според него, поради современите одбранбени и офанзивни системи, како и „Златната купола“, потребата за стекнување на Гренланд станува особено важна за максимална ефикасност и заштита.САД се подготвени веднаш да започнат преговори со Данска или со која било од другите наведени земји за да се реши ова прашање.

Свет | пред 1 седмица

media-librarys9i82mh0i2tt9Q7xzpZ

Белгискиот министер: Не одиме на Гренланд за судир со САД, тоа не е наша цел

Белгија не се приклучила на арктичката мисија под водство на Данска со цел да се спротивстави на Соединетите Американски Држави, изјави белгискиот министер за одбрана Тео Франкен, отфрлајќи ги тврдењата дека засиленото европско воено присуство на Гренланд претставува демонстрација на сила кон Вашингтон.Франкен во телевизиско интервју оцени дека создавањето впечаток оти Европа оди на островот за да се конфронтира со САД е целосно погрешно. Тој нагласи дека таква намера воопшто не постои и дека белгиското учество е строго ограничено и од неборбен карактер.Министерот појасни дека Белгија ќе испрати еден офицер во рамки на извидувачка мисија на Гренланд, која ја предводи Данска, со задача да ги процени логистичките можности, оперативните опции и условите на терен. Според него, станува збор исклучиво за извидувачка мисија, без планови за трајно распоредување или воспоставување борбени позиции.Овој потег доаѓа во период кога Данска, заедно со сè поголем број европски сојузници, на нејзино барање ги засилува воените активности на Гренланд и во неговата околина. Копенхаген соопшти дека целта е зајакнување на безбедноста на Арктикот и подобрување на способностите на сојузниците за дејствување во екстремни услови, а офицери и помали воени одреди од неколку европски земји веќе пристигнале на островот.Распоредувањето се одвива во чувствителна политичка клима, откако американскиот претседател Доналд Трамп во повеќе наврати ја спомена можноста САД да преземат контрола над Гренланд. Тој неодамна изјави дека заземањето на островот би можело да биде опција за Вашингтон, дури и во контекст на односите во рамки на НАТО, при што ги минимизираше и ограничувањата на меѓународното право.Франкен истакна дека европскиот одговор треба да се сфати како порака за уверување, а не за одвраќање. Според него, пораката до Вашингтон е дека европските држави се подготвени да преземат одговорност за безбедноста на Гренланд, поради загриженоста од зголемените руски и кинески активности на Арктикот, и дека тоа сакаат да го сторат во рамки на НАТО, во кој членуваат и САД.Тој заклучи дека целта на распоредувањето не е испраќање порака за воена конфронтација со Американците, нагласувајќи дека никој во Европа не размислува за судир, туку за соработка и стабилност.

Свет | пред 1 седмица

media-library093onvuapom94fkfjSt

„Рацете подалеку од Гренланд“: Масовни протести денеска во Данска и Нуук

Големи протести против амбициите на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на Гренланд се очекуваат денеска во повеќе градови во Данска, како и во главниот град на Гренланд, Нуук.Според најавите на социјалните мрежи, неколку илјади граѓани изразиле намера да учествуваат на протестите што ќе се одржат на Гренланд и во Данска, во Копенхаген, Архус, Олборг и Оденсе, по иницијатива на повеќе гренландски организации.„Целта е да се испрати јасна и едногласна порака за почитување на демократијата и темелните човекови права на Гренланд“, соопшти националната организација на граѓани на Гренланд во Данска – Уагут, на својата интернет-страница.Организаторите, меѓу кои се Уагут, граѓанското движење „Рацете подалеку од Гренланд“ и коалицијата на локални гренландски здруженија Инуити, имаат намера да ја искористат посетата на делегација на американскиот Конгрес во Копенхаген за нивниот глас да биде слушнат на меѓународно ниво.Откако повторно се врати на власт пред една година, Трамп редовно ја споменува можноста за преземање контрола врз огромниот, стратешки важен, но слабо населен арктички остров кој е под суверенитет на Данска. Тој тврди дека Гренланд ќе го преземе „на овој или на оној начин“, со цел, како што вели, да се спротивстави на руските и кинеските интереси на Арктикот.Во петокот навечер, неговиот близок советник Стивен Милер ги потврди американските ставови во врска со територијата.„Гренланд е голем колку една четвртина од САД. Данска, со сета почит, е мала земја со мало стопанство и мала војска и не може да го брани Гренланд“, изјави Милер за телевизијата „Фокс њуз“.Тој додаде дека Соединетите Американски Држави не планираат да „трошат милијарди долари за одбрана“ на територијата, додека суверенитетот би останал во рацете на Данска.Протестите најавени за сабота доаѓаат три дена по состанокот во Вашингтон, на кој данските власти признаа дека во моментов не постои можност за договор со американското раководство за иднината на автономната територија.Иако повеќе европски лидери изразија поддршка за Данска, една од основачките членки на НАТО, американскиот претседател во петокот се закани со воведување царини за земјите што нема да го поддржат неговиот план за стекнување на Гренланд.Повик за протест е упатен и во Нуук, со цел спротивставување на, како што се наведува, „незаконските планови на Соединетите Американски Држави за преземање контрола над Гренланд“.Во меѓувреме, Франција, Шведска, Германија и Норвешка, на кои им се приклучија Холандија, Финска и Обединетото Кралство, оваа недела најавија распоредување воен персонал за извидувачка мисија на Гренланд, во рамки на данската воена вежба „Arctic Endurance“, организирана со сојузниците од НАТО.

Свет | пред 1 седмица

media-library4nigvcra2gqibbsrM3R

Трамп им се закани со царини на сите земји што се против планот за Гренланд

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, се закани дека би можел да воведе царини за земјите кои нема да го поддржат неговиот план САД да преземат контрола над Гренланд, наведувајќи дека островот е од клучно значење за американската национална безбедност.„Би можел да воведам царини за земјите ако не застанат на страната на Гренланд, затоа што Гренланд ни е потребен поради националната безбедност“, изјави Трамп за време на тркалезна маса посветена на здравството во руралните средини, одржана во Белата куќа.Трамп во повеќе наврати нагласи дека САД „апсолутно мора“ да го преземат Гренланд, со што дополнително го засили притисокот врз Данска, на која ѝ припаѓа островот. Неговите изјави доаѓаат по средбата одржана во средата во Белата куќа, на која присуствуваа данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен и министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Моцфелдт, заедно со американскиот државен секретар Марко Рубио и потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс.Истовремено, американскиот Врховен суд соопшти дека во вторник се очекува да донесе долго најавувана одлука за законитоста на царините воведени од Трамп. Прашањето е дали претседателот има право самостојно да воведува царини или за тоа е потребна согласност од Конгресот.Иако состанокот на кој говореше Трамп формално беше посветен на инвестиции во руралните области, американскиот претседател, како и обично, се осврна и на други политички теми, меѓу кои и Гренланд.Интересот на Трамп за Гренланд датира уште од неговиот претходен мандат, кога јавно ја спомена можноста Соединетите Држави да го купат островот. Данска тогаш остро ја отфрли таа идеја, нагласувајќи дека Гренланд не е на продажба. Островот е автономна територија во рамки на Кралството Данска, со сопствена влада и парламент, а и данските и гренландските власти во повеќе наврати истакнаа дека одлуките за иднината на Гренланд можат да ги носат исклучиво неговите жители.Прашањето за Гренланд последниве години е постојано присутно во односите меѓу Вашингтон и Копенхаген, а дополнително беше актуелизирано и на последната средба во Белата куќа. Американската страна повторно ја нагласи стратешката важност на Гренланд за националната безбедност, военото присуство на САД на Арктикот и поширокиот геополитички контекст во односите со Русија и Кина, додека Данска и Гренланд продолжуваат да ја отфрлаат секоја можност за промена на суверенитетот.Во меѓувреме, Германија, Франција, Норвешка, Шведска и Обединетото Кралство во последните денови испратија војници на Гренланд со цел да го зајакнат присуството во арктичкиот регион, а Данска дополнително ги засили сопствените сили и опрема на островот. Европските влади нагласуваат дека станува збор за одбранбени мерки во рамки на сојузничките обврски и дека политичкиот статус на Гренланд не може да се менува преку еднострани притисоци.Трамп, во исто време, изјави дека не ја исклучува можноста САД да излезат од НАТО во контекст на спорот околу Гренланд, што предизвика дополнителна загриженост кај американските сојузници во Европа.

Свет | пред 2 седмици

media-library11b3gk4h51qq1Vws45J

Норвешки институт: Трамп ќе го анектира Гренланд, мора да се подготвиме за најлошото

Норвешкиот институт Фритјоф Нансен, кој се занимава со меѓународна политика во областите на животната средина, климата и енергетиката и биодиверзитетот на Арктикот, во четвртокот свика конференција за тоа што Данска и Европа можат да направат за да го запрат Трамп и колку е веројатна воена инвазија на Гренланд.Учесниците на конференцијата не беа премногу оптимистични. Директорот на институтот Ивер Нојман верува дека Трамп ќе го анектира Гренланд: „Трамп нема ни трошка дипломатска вештина. Размислува како магнат за недвижности и постојано бара нови луѓе што ќе ги искористи.“Нојман смета и дека Трамп не може да си дозволи губење на образот откако од Гренланд направи огромен проблем: „Движењето МАГА бара и очекува насилник и силен маж како водач. Трамп нема излез. Треба да се подготвиме за најлошото.“Ниту раководителот на истражувања во Институтот Фритјоф Нансен, Андреас Остхаген, не верува дека Трамп е заинтересиран за Свалбард, но е загрижен дека Путин би можел да го насочи вниманието кон норвешките арктички острови.„Свалбард е темпирана бомба која нема нужно веднаш да експлодира, но може да експлодира ако ситуацијата на Гренланд ескалира. Ако трансатлантската безбедносна гаранција дополнително се влоши, односно ако се покаже дека САД нема да ни притекнат во помош, Европа нема да има доволно капацитет да се одбрани“, изјави Остхаген за норвешкиот весник Дагбладет.Додека во Норвешка засега само се дискутира за заканите кон суверенитетот на Арктикот, во Данска постои сериозен страв од американска анексија на Гренланд. Средбата на данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен и на гренландската министерка за надворешни работи Вивијан Моцфелд со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио во средата во Вашингтон донесе нови тензии.Договорено е формирање заедничка работна група која треба да најде решение за американските „безбедносни грижи“, а истовремено да го зачува данскиот суверенитет над најголемиот остров во светот. Меѓутоа, портпаролката на Белата куќа Каролин Левит изјави на прес-конференција дека задачата на работната група е технички да дискутира за „американското преземање на Гренланд“.„Не договоривме никаква техничка работна група која ќе разгледува како САД може да го заземат Гренланд. Работната група мора да испита дали воопшто е можно да се излезе во пресрет на американските барања без нарушување на данскиот суверенитет“, изјави Расмусен за данскиот телевизиски канал ТВ2.Покрај дипломатските активности, данската страна се обидува барем симболично да пружи отпор на претензиите на Трамп, па така во четвртокот на палатата Кристијансборг во Копенхаген, седиштето на данскиот парламент, владата и врховниот суд, беше истакнато гренландското знаме.Данските медиуми објавуваат емотивни пораки од граѓани кои бараат заштита на суверенитетот и изразуваат презир кон администрацијата на Трамп. Се јавуваат и разочарани дански војници кои рамо до рамо со американските сојузници, со значителни жртви, учествувале во интервенциите во Ирак и Авганистан, а имаше и повици Данска да се повлече од квалификациите за Светското првенство во фудбал во 2026 година во САД.Ааја Кемниц, една од двете гренландски пратенички во данскиот парламент, избрана од листата на социјалдемократската партија Инуит Атаqatigiit, за данските медиуми зборуваше за загриженоста и неизвесноста во својата татковина.„Луѓето доаѓаат на работа плачејќи, децата во училиштата зборуваат за анексија, постарите лица не можат да спијат. Гледаме знаци на дестабилизација на гренландското општество. Тоа создава огромна количина неизвесност. И деловната заедница на Гренланд е погодена и делумно парализирана од несигурната иднина. Тешко е да се започнуваат нови работи кога не знаеш што те очекува“, изјави Кемниц.

Свет | пред 2 седмици

media-library6p21p0pmug1rckUQz1R

НАТО се распоредува на Гренланд, Трамп не се откажува од сопствената желба да го има островот

Европските престолнини влегоа во фаза на дискретна мобилизација откако американскиот претседател Доналд Трамп јавно навести дека не ја исклучува употребата на воена сила за преземање на Гренланд. Според пишувањата на „Политико“ (Politico), во Брисел, Париз и Берлин веќе се водат неформални консултации за тоа како да се реагира доколку Вашингтон тргне во отворена конфронтација со Данска – членка на НАТО и на Европската Унија.Иако никој во Европа не верува дека утре ќе избие директна војна меѓу сојузниците, дипломати признаваат дека сценариото повеќе не се третира како научна фантастика. На маса се ставени мерки што до вчера се сметаа за незамисливи: ограничување на пристапот на САД до европските воени бази, преиспитување на разузнавачката соработка и намалување на купувањето американско оружје.Европски претставници приватно поставуваат едноставно прашање – зошто Соединетите Држави би продолжиле да уживаат целосна воена и логистичка поддршка на континентот ако се обидат да одземат суверена територија на сојузничка држава. Американските бази во Европа се клучни за операциите во Африка и на Блискиот Исток, што на Брисел му дава значајна преговарачка моќ.Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека какво било загрозување на европскиот суверенитет ќе има последици без преседан и најави целосна солидарност со Данска. Во исто време, Копенхаген и властите во Гренланд водат разговори со администрацијата на Трамп, но данскиот министер за надворешни работи призна дека постои длабоко и фундаментално несогласување, бидејќи американскиот претседател отворено ја повторил желбата САД да го преземат островот.Дел од дипломатите сметаат дека кризата веќе нанела тешка штета на НАТО и дека довербата меѓу двете страни на Атлантикот е сериозно разнишана. Сепак, многумина стравуваат дека радикалните мерки би можеле да доведат до целосен распад на трансатлантското партнерство, во момент кога Европа зависи од американската поддршка за безбедносните гаранции за Украина и за одвраќање на Русија.Еден висок европски функционер мрачно заклучува: трансатлантските односи влегуваат во нова ера и стариот модел на безусловно сојузништво веќе не постои. Европа, сакала или не, ќе мора да научи да се брани сама.

Свет | пред 2 седмици

media-library2e9baqigp61uc7nGqE3

Белата куќа потврди дека САД се насочуваат кон Гренланд: „Нема врска што таму има европски војници“

Гласноговорничката на Белата куќа, Каролин Левит, изјави дека претседателот на САД, Доналд Трамп, јасно истакнал дека сака Соединетите Американски Држави да ја „преземат“ контролата над Гренланд, додавајќи дека присуството на европски сили на оваа територија нема да влијае врз неговата одлука.Левит изјави дека разговорите помеѓу министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд со американскиот потпретседател Џ.Д. Венс и државниот секретар Марк Рубио биле „продуктивни“.„Беше добар состанок. Двете страни се согласија да формираат работна група која ќе продолжи со техничките разговори за преземањето на Гренланд“, изјави Левит. Таа додаде дека овие разговори треба да се одржуваат на секои две до три недели.„Ова е дијалог кој администрацијата има намера да го продолжи со Данците и со делегацијата од Гренланд“, рече Левит.Таа нагласи дека претседателот многу јасно го поставил својот приоритет: „Тој сака Соединетите Американски Држави да го преземат Гренланд, бидејќи смета дека тоа е најдоброто решение за националната безбедност.“Левит посочи дека испраќањето европски сили на Гренланд нема да го промени ставот на Трамп за преземање на оваа територија.Претходно беше објавено дека сили од Франција, Германија, Обединетото Кралство, Холандија, Норвешка и Шведска се упатиле кон Гренланд. Данска соопшти дека операцијата „ќе ја зајакне нашата способност за делување во регионот“, додека Трамп претходно тврдел дека само американската контрола може да го заштити арктичкиот регион од Русија и Кина.Неколку часа пред изјавите на Левит, министрите за надворешни работи на Гренланд и Данска одржаа разговори со Венс и Рубио, но по состанокот посочија дека и понатаму постои „темелна несогласност“ околу иднината на оваа данска територија.

Свет | пред 2 седмици

grenland

Шведскиот министер Пал Јонсон: Трамп ја преувеличува заканата на Путин кон Гренланд

Американскиот претседател Доналд Трамп ја преувеличува заканата што, според него, руските и кинеските бродови ја претставуваат за Гренланд, изјави шведскиот министер за одбрана Пал Јонсон. Иако потврди дека големите сили имаат намера да го прошират своето присуство во арктичкиот регион, Јонсон ги отфрли тврдењата на Трамп дека островот е опкружен со голем број руски и кинески бродови, пишува Телеграф.Трамп во повеќе наврати го користеше овој аргумент за да ги оправда своите планови за анексија на островот, богат со ретки метали, во наредните недели или месеци.Прва директна критика од НАТОЕвропските лидери досега беа претпазливи во отвореното критикување на тврдењата и стратегијата на Трамп за преземање на островот од Данска. Јонсон е првиот висок функционер на НАТО кој, во знак на поддршка за соседна Данска, јавно изрази сомнеж во изјавите на американскиот претседател дека Гренланд е „насекаде опкружен со руски и кинески бродови“.На прашањето дали Трамп го претерува бројот на непријателски бродови околу Гренланд, Јонсон одговори дека таквите тврдења не се совпаѓаат со проценките што ги прават за регионот. Тој наведе дека, иако има зголемување на бројот на кинески истражувачки бродови во Арктикот, обемот на тоа присуство е „ограничен“.„Не мислам дека со тоа треба да се претерува, во најголем дел станува збор за истражувачки бродови“, додаде Јонсон. Неодамнешните податоци од системите за следење на бродови не покажале присуство на кинески или руски бродови во близина на Гренланд. Дански безбедносни експерти, исто така, остро ги отфрлија тврдењата на Трамп, оценувајќи дека бродовите за кои зборува се „плод на неговата фантазија“.Воен одговор на АрктикотЈонсон изјави дека нордиските земји се свесни дека Русија има „намера повторно да воспостави присуство во неколку воени капацитети што Москва порано ги имаше на Арктикот“. Сепак, тој нагласи дека Шведска, заедно со сојузниците од НАТО, е подготвена да распореди специјални единици и воени сателити.„Имаме арктички и субарктички капацитети. Едно е да се преживее во таква средина, а друго е да се води борба, а нашите војници – како и норвешките и финските – ги поседуваат тие способности“, рече Јонсон. Тој додаде дека Шведска инвестира во набавка на до 10 воени сателити за подобар увид во состојбата на терен.Како одговор на потенцијалните закани, Данска во средата испрати војници на Гренланд на воена вежба и најави проширување на военото присуство со поддршка од сојузниците. Германија, Франција, Шведска и Норвешка ќе ѝ помогнат на Данска во зајакнувањето на безбедноста на Гренланд. Обединетото Кралство испрати еден воен офицер, додека Германија најави испраќање на 13 воени лица.

Свет | пред 2 седмици

Согласност за колачиња (cookies)

Нашата веб-страница користи колачиња за подобрување на корисничкото искуство и анализа на сообраќајот.

Дознај ексклузивно и прв

Прв ќе ги дознаваш ударните и вонредните случувања